Тимот на Светската здравствена организација (СЗО), кој го истражува потеклото на вирусот КОВИД-19 во Кина, посочи дека вирусот, најверојатно, потекнува од лилјаци и дека веројатно имал уште едно животно домаќин како посредник.
Резултатите од истрагата на СЗО со нетрпение ги очекуваат научниците и владите ширум светот, пренесува Ројтерс.
– Тимот разговараше со кинески колеги и доби информации за епидемиолошки студии, биолошки и генетски анализи и ветеринарни истражувања – рече портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер.
Тој додаде дека имало и видео разговори со вирусолози и научници од Вухан.
Официјалниот претставник на СЗО, Мајк Рајан, изјави вчера дека можни се изненадувања.
„Фактот дека алармот се исклучи во Вухан не значи дека инфекцијата тука преминала од животните на луѓето“, рече тој.