Денес секој петти жител на планетата пуши или на друг начин ужива во тутунот, додека во 2000 година секој трет бил зависник од тутун. Трендот на опаѓање на уживањето во ова задоволство штетно за здравјето продолжува, се вели во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) за употребата на тутун во периодот од 2000 до 2030 година.
Во документот се нагласува дека минатата година 1,25 милијарди луѓе постари од 15 години уживале во тутунските производи, додека на почетокот на векот во светот имало 1,34 милијарди корисници.
Проекциите покажуваат дека, и покрај зголемувањето на светската популација, бројот на зависници од тутун ќе се намали на 1,2 милијарди во 2030 година.
Во извештајот се наведува дека најголемиот број пушачи денес се лоцирани во Југоисточна Азија и Европа и дека бројот на зависници е близу четвртина од вкупното население во тие области, со показател дека бројот на корисници на тутунски производи продолжува да се зголемува во Египет, Јордан и Индонезија.
Се додава дека овој извештај е нецелосен и дека реалниот број на корисници на тутун во светот веројатно е многу поголем, бидејќи повеќе од 70 земји во светот ги немаат испратено најновите податоци и информации за трендот на бројот на зависници.
Светската здравствена организација, и покрај достапните податоци кои покажуваат пад на бројот на пушачи, предупредува дека глобалната смртност од оваа штетна навика ќе остане на приближно исто ниво.
Секоја година осум милиони луѓе ширум светот умираат како последица на консумирање тутун, како и 1,3 милиони непушачи, кои се изложени на чад од тутун.