Еден од најпопуларните вештачки засладувачи во светот, аспартамот, кој се користи во производи како гуми за џвакање Mars Extra и Coca-Cola Zero, е „можен канцероген“, но е безбеден за консумирање во ограничени количини, соопштија денеска две групи поврзани со Светската здравствена организација.
Во својата прва декларација за адитивот, Меѓународната агенција за истражување на ракот со седиште во Лион рече дека аспартамот е „можен канцероген“, што значи дека има ограничени докази дека супстанцијата може да предизвика рак.
Агенцијата не се занимава со тоа колку човек би требало да ја консумира супстанцијата за да биде изложен на ризик, туку со тоа се занимава специјален панел, Мешовитиот комитет за адитиви во храната на Светската здравствена организација и Организацијата за храна и земјоделство, со седиште во Женева, наведува „Ројтерс“.