Претседателот на Косово, Хашим Тачи, по повод навредливите изјави на министрите во владата на Србија, Ивица Дачиќ и Александар Вулин, за албанските жртви од неодамнешната војна, оцени дека Србија сè уште не ја сменила својата фашистичка политика.
Тачи на Твитер напиша дека изјавите на Дачиќ и Вулин за цивилните жртви убиени од режимот на Милошевиќ се активности што ги поткопуваат напорите за дијалог и помирување.
„Навредливите изјави на Дачиќ и Вулин за цивилните жртви на војната, кои беа убиени од режимот на Милошевиќ, се доказ дека Србија сè уште не ја сменила својата фашистичка политика. Таквите активности го нарушуваат дијалогот и ги поткопуваат нашите заеднички напори за помирување“, напиша Тачи на Твитер.
Претседателот на косовскиот парламент, Вјоса Османи и Владата на Косово претходно реагираа на овие изјави.
Османи рече дека Владата на Косово не треба да преговара со луѓе како Ивица Дачиќ, кои, како што изјави, „со извршување на злосторства и закани, прават двојно злосторство“.
Таа на прес-конференција по седницата на Претседателството на косовскиот парламент рече дека дијалогот меѓу Косово и Србија, наместо да служи за нормализирање на односите меѓу двете земји, служи за „нормализирање на српските политичари кои беа дел од режимот на Слободан Милошевиќ“.
„Со некој како Дачиќ кој отворено се заканува и крие злосторствa, со што стори двојно злосторство – Владата на Косово апсолутно не треба да преговара“, рече Османи.
Според неа, Дачиќ отворено им се заканувал на Србите „кои можат да укажат на местaтa каде се наоѓаат жртвите од Косово“.
Косовската влада денеска соопшти дека „изразува длабоко разочарување“ од изјавите на високи српски претставници кои „отворено продолжуваат да покажуваат длабок недостаток на почит кон жртвите од неодамнешната војна на Косово“, како и нивните семејства кои очајно трагаа по роднините киднапирани од српските сили со децении“.
Во соопштението се проценува дека „ваквите скандалозни изјави, покрај сериозно навредување на сите жртви на српските злосторства, му докажуваат на светот дека официјален Белград намерно и свесно прикриваше траги на злосторства во текот на сите овие години, криејќи места на масовни гробници каде завршија стотици илјади невини цивили“.
„Косовската влада се спротивставува на овој политички менталитет и очекуваме меѓународната заедница да го стори истото, особено Европската унија и Соединетите држави, како неопходни фактори за градење мир и евроатлантска перспектива на Западен Балкан“, се вели во соопштението.
Владата на Косово изјави дека е „решена посветено да работи за мирољубивата иднина на регионот“ и дека „ќе продолжи со силна соработка со западните сојузници со цел што побрзо да се интегрира во големо семејство на цивилизирани и демократски евро-атлантски земји.