Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека ќе биде вклучен во дијалогот во согласност со неговите уставни овластувања и дека ќе биде на масата каде што политичкиот процес го води САД, додека дијалогот под покровителство на ЕУ ќе биде оставен на владата.
Говорејќи на „ТВ Клан Косово“, Тачи го повика претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, да го смени својот став за Косово и додаде дека не верува оти Лајчак ќе донесе взаемно признавање, додека изрази доверба во Соединетите држави, пренесува „Косово онлајн“.
„Лајчак треба да знае дека доаѓа на Косово како независна и суверена земја, а не во земја со Резолуција 1224“, рече Тачи.
Тој додаде дека Приштина мора тесно да соработува со Соединетите држави и ЕУ и дека единствена дестинација е ЕУ, но тој оцени дека Унијата мора да биде фер кон Косово.
Тачи рече дека во процесот што ќе го води ЕУ, тој ќе и даде на владата можност да ги застапува интересите на Косово и да работи на спроведување на досега постигнатите договори.
Претседателот рече дека ќе го разгледа предлогот на ЕУ и ќе заземе став врз основа на тоа.
Говорејќи за можна средба со Лајчак во Приштина, тој рече дека тој никогаш не одбивал, но дека ќе анализира дали состанокот ќе даде плод или ќе биде губење време.