Тачи: Сега е отворен патот за формирање на нова влада

од Vladimir Zorba
162 прегледи

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, го поздрави објавувањето на одлуката на Уставниот суд, со којa се потврди уставната основа на неговиот указ за назначување мандатар за состав на новата влада на Косово и оцени дека „сега е време да се избере нова влада“.

„Сега е отворен патот за формирање на нова влада. Очекувам новата влада да се формира што е можно поскоро“, рече Тачи, посочувајќи дека „Косово нема луксуз на вакуум во функционирањето на институциите“.

„Ги повикувам партиите и кандидатот за премиер, Авдулах Хоти, да преземат одговорност. Косово изгуби многу време со промена на владите и премиерите. Сега е време за економско закрепнување и да се продолжи со реформите во сите сектори на животот“, рече Тачи.

Тој го повика „целиот политички спектар да работи заедно „за две итни проблеми – продолжување на сузбивањето на епидемијата и економското закрепнување“.

„Но, ние мора да бидеме внимателни на стратешко ниво, особено во однос на членството во НАТО и ЕУ“, рече тој и ја повика ЕУ да донесе одлука за визна либерализација за граѓаните на Косово.

„Одржувајте посебни односи со Соединетите држави“, рече Тачи, затоа што, како што рече, „слободата и независноста на Косово се тесно поврзани со Соединетите држави и нејзините европски партнери“.

Претседателот на Косово, исто така, оцени дека „важно е да се отстранат сите мерки што го нарушиле партнерството со меѓународната заедница“.