Сите анкети, сите анализи на меѓународни фактори за МВР покажале дека Министерството за внатрешни работи води неселективна борба против корупцијата и криминалот, тоа така беше, така и ќе биде, ќе расчистиме со сите криминалци, без разлика дали се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или од други редови, порача од собраниската говорница, пратеникот на СДСМ Миле Талески.
Тој при реплика на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски, додаде дека ВМРО-ДПМНЕ од меѓународни фактори беше прокламирана како злосторничко здружение, а неговата претходничка и поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска е во затвор.
Кога зборувате за криминал и за корупција, погледнете кои се ваши колеги пратеници, половина претходна влада ви е под обвинение, опфатени се со најразлични постапки „Титаник„, „Талир“, „Моќник“, „Империја“ и за вашиот духовен отец бегалецот Никола Груевски за плацовите што ги купувал на Водно, рече Талески, додавајќи дека токму затоа на ВМРО-ДПМНЕ му пречи Оливер Спасовски и МВР кое покажа и докажа дека нема да води сметка кој на која позиција се наоѓа и дека за секој ќе се води постапка доколку ги прекршил законите.
Талевски истакна дека во 2020 година биле откриени 77 кривични дела во врска со корупција, а 114 во 2021, со вкупна сума на средства од 97,3 милиони денари, што во време на ВМРО-ДПМНЕ беше мисловна именка, исто така се пресечени 16 меѓународни транспорти на дрога, само во 2021 година се уапсени 297 криминалци барани со потерница.