Пратеникот на СДСМ, Миле Талески денеска ги пофали политиките на владеачката партија, порачувајќи дека за вработените во МВР, платите се зголемени за 35 проценти. Информира дека дополнително исплатени се 6 бонус плати за одработени прекувремени работни часови.
-Денес, од 2020 година наваму, има воспоставено редовната исплата на бонус плати за над 150 изработени часови прекувремена работа на годишно ниво, како гарантирано право на вработените во МВР согласно Колективниот договор. И сите бонус плати навремено се исплаќаат.
А до 2016 не беа исплаќани и вработените ги наплаќаа по судски пат, што беше и малтретирање на вработените во полицијата и значеше оштетувања на државниот Буџет, кажа Талески.
Во одбраната, додаде пратеникот, професионален војник во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година примал 21.933 денари плата.
-Со СДСМ, во 2022 година месечните приходи на војниците драстично се зголемуваат, особено со законското решение на исплата на месечна станарина за сите – и изнесуваат над 36.000 денари!
Од 2023 година, професионален војник добива уште поголем месечен приход, вкупно 45.979 денари, односно плата од 35.015 денари, плус скоро 11.000 денари за станарина. Значи 22.000 денари во време на ДПМНЕ и 46.000 денари во време на СДСМ, има разлика тоа се 110% зголемување.
Платите на НАТО единицата во 2023 се скоро 54.000 денари за професионален војник, и повеќе за повисоките чинови, истакнал меѓу другото пратеникот на прес-конференција.