„ТАЛИР“: Ново барање за замрзнување на зградата на ВМРО ДПМНЕ

од Vladimir Zorba
107 прегледи

  Катица Јанева повторно ќе бара замрзнување на т.н. Бела палата. По два месеци преписки со Кривичниот суд, Специјалното јавно обвинителство повторно ќе побара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на истрагата за предметот „Талир“, дознава Телевизија 24 од извори во СЈО.

Тимот на Јанева го комплетира барањето за заштита на законитоста и од Врховен ќе бара преиспитување на одлуката на Кривичниот суд кој го одби барањето седиштето на партијата да биде ставено под привремена мерка Забрана на оттуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека. И покрај петте барања на СЈО судиите да го вратат предметот „Талир“ со сите докази за СЈО да може да си го оствари барањето за заштита на законитоста, Кривичен одговарал на секое барање делумно и конечно неделава им ги вратил единаесетте класери документација со која СЈО го потрепува барањето за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО на Врховните судии им образложува дека колегите од Кривичен не постапиле законски кога донеле одлука дека обвинителството не понудило докази дека имотот на ВМРО-ДПМНЕ е стекнат на незакоонски начин, ниту пак ја утврдиле врската на партијата со компанијата ДГ„Бетон“ АД Скопје која според СЈО е спорна.

„Специјалното јавно обвинителство очекува Врховниот суд да го прифати барањето за заштита на законитоста и предметот да го врати на повторно одлучување и со тоа очекуваме  имотот на посочената партија да биде обезбеден“, велат од СЈО.

„Талир“ како што посочи и Јанева е најобемната финансиска истрага која го опфаќа врвот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и претседателот на партијата Никола Груевски. Според истрагата, постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби. И покрај истекот на рокот во кој Јанева можеше да поднесува обвиненија, таа истакна дека нема да се откаже докрај да го доистражи овој случај./ТВ 24