Во моментот, во Скопје се лекуваат 24 пациенти од трагедијата во Кочани, распределени на Клиничкиот центар (7 пациенти), Стара градска болница (6 пациенти) и ГОБ 8-септември (8 пациенти), додека во приватните клиники има 3 пациенти. Според најновите информации, од вкупно 24 пациенти, девет ќе бидат отпуштени на домашно лекување, а утре се очекува да останат 15 пациенти, за кои ќе биде донесена одлука за евентуален нов испис според здравствените параметри, информира министерот за здравство Арбен Таравари.
„Од вчера, пет пациенти се вратиле во Македонија – еден од Атина и четворица од Шпанија. Вкупно надвор се лекуваат 108 пациенти, а денеска се најавени осум пациенти за враќање од Белгија, Австрија, Турција и Хрватска, по два од секоја земја. Од утре, ќе имаме 101 пациент кој се лекува во странство, а четворица и натаму остануваат во тешка состојба, има мало подобрување но се во тешка состојба“, изјави Таравари.
Тој истакна дека има најави за враќање на нови пациенти, но ќе следуваат дополнителни информации. Генерално, состојбата на пациентите е добра, но четворица од нив се во критична состојба.
„Пациентите почнуваат да се екстубираат и се префрлаат на одделенија од интензивна нега. Пластични хирурзи ќе извршат операции каде што е потребно“, додаде Таравари.
Во Кочанската болница, пластични хирурзи веќе изведуваат прегледи на пациентите, а се формираат тимови и собираат материјали потребни за нивната работа, потврдија од клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
Андон Чибишев потврди дека пациентите кои се вратиле од Шпанија биле примени на клиниката за токсикологија, а по нивното иследување заедно со уште двајца пациенти кои се лекувале на клиниката по деталните иследувања биле испуштени на домашно лекување.
„Вчеравечер се вратија четири пациенти од Шпанија, кои по пристигнувањето беа опсервирани на одделот за токсикологија. Тие беа прегледани од токсиколог, анестезиолог и психијатар. Денеска, пациентите се подложени на токсиколошки и лабораториски испитувања. Сите пациенти се стабилни и денеска се испишани на домашно лекување“ изјави Чибишев.