Членот на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари смета дека ДУИ продолжува да оди наназад. Таравари меѓу другото на социјалните мрежи објави дека ДУИ моли за да бидат во Влада и се претвориле во „питачи за позиции“.
„ДУИ продолжува да оди по погрешен пат. Таа моли да ја однесат во Влада и колку и да ја одбиваат, сепак праќа преговарачи кои се претворија во питачи за позиции“, напишал Таравари.
Уште член од коалицијата ВЛЕН, Кастриот Реџепи изјавил дека другата коалиција од албанскиот блок, Европскиот фронт инсистира да стане дел од владата. Тој во емисијата „Дејли клик“ порачал дека токму поради оваа причина имало и средба меѓу првиот човек на ДУИ, Али Ахмети со мандатарот на новата влада, Христијан Мицкоски. Сепак, според него, извесно е дека владата ќе се формира меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски по добивањето на мандатот од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги нарече опасни политичките игри на ДУИ со најава дека ако продолжат така – многу бргу вистината ќе излезе на виделина, без да прецизира за што.
-Ги гледам етноцентристичките изјави што доаѓаат од некои од централните лица во ДУИ. Можеби на овој начин сакаат повторно да внесат етнички провокации во соживотот во Македонија така што овие преговори за формирањето на идната влада ќе бидат сведени на прашање колку гласови добиле Македонците, Албанците, Србите… Ја следам внимателно оваа опасна игра и ако така продолжат, многу скоро вистината ќе излезе на виделина, кажа вчера Мицкоски.