Таравари: Нема конечен договор со ДУИ, но можно е здружување во некои општини

од Марта Пешевска
24 прегледи

Арбен Таравари, кој неодамна се повлече од Владата, откри дека сѐ уште нема постигнато официјален договор за соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) за претстојните локални избори. Гостувајќи на телевизијата „Сител“, тој објасни дека, иако во јавноста се зборува за наводен договор, во реалноста договорот сѐ уште не е постигнат.

„И покрај тоа што одамна се зборува дека имаме договор, вистината е дека засега нема ништо конкретно. Сега сме опозициска партија, но тоа не ја исклучува можноста во некои општини да има соработка меѓу ‘Вреди’, ДУИ и нашето крило на Алијанса за Албанците“, изјави Таравари.

Како потенцијален пример за ваква коалиција, Таравари ја посочи општина Кичево. Според него, таму најверојатно ќе се постави прашањето дали да се поддржи кандидат Македонец или Албанец, иако тој лично би сакал гласањето да биде според личноста и квалитетите на кандидатот, а не според етничката припадност.

„Кичево е типичен пример каде што, за жал, може да се сведе на избор меѓу Македонец и Албанец, наместо избор според вредностите на самиот кандидат“, вели Таравари. Тој додаде дека соработка меѓу овие три партии е можна и во други општини, но не откри кои конкретно.

Во своето излагање, Таравари нагласи дека главен приоритет за него и за партијата се токму локалните избори. „Нашата цел е да освоиме што повеќе гласови и да управуваме со што повеќе општини. Би бил задоволен ако успееме да победиме во најмалку пет општини“, порача тој.

Оваа изјава доаѓа во време кога албанскиот политички блок е во фаза на прегрупирање, а исходот од претстојните избори може да има значително влијание врз локалната политичка сцена.

Слични содржини