Таравари: Заминувањето на ДУИ од власт би било добро за партијата, Албанците и Македонија

од Nikola Popovski
336 прегледи

Кандидатот за претседател на здружената албанска опозиција, Арбен Таравари изјави дека не ја исклучува можноста за идна соработка со ДУИ, додавајќи дека во моментов, сепак е време таа партија да замине од власта, пренесува „Klan Kosova“.

„Немаме црвени линии, комуникацијата продолжува со сите партии, но принципиелно сум сигурен дека албанската опозиција ќе им ја донесе долгоочекуваната промена на Албанците, 22 години една партија, макар се да е добро, е премногу“, рекол Таравари.

Тој додал дека ДУИ имала скандали и афери, меѓу кои и изборни манипулации.

„Имаше злоупотреби на изборите, сите граѓани на Северна Македонија знаат дека, особено на последните избори во 2020 година, се изманипулирани, дека имаше купени гласови. На овие избори ќе победи здружената опозиција, но разликата ќе биде малку поголема за да може да се манипулира“, истакнал Таравари.

Говорејќи за техничкиот премиер, Талат Џафери, Таравари навел дека тој има само симболична функција.

„Денес немаме албански премиер, туку симболичен, технички премиер, ние како партија го поддржавме господинот Џафери и за претседател на Собранието и за функцијата технички премиер бидејќи симболиката е важна, но знаете ли кој беше првиот предлог на техничкиот премиер? Разрешувањето на двајцата министри Албанци“, објаснил лидерот на АА.

Според неговите зборови, важно е да ѝ се даде шанса на новата политичка структура и ДУИ да премине во опозиција.

„Промената е неопходна и корисна, не само за Албанците, туку и за ДУИ. Партијата не е партија ако не помине период во опозиција. Мислам дека ДУИ што оди во опозиција е добро за ДУИ, за Македонија, но добро е и Албанците да ѝ дадат шанса на нова политичка партија, да видат како другите можат да ги водат“, оценил Таравари.

Таравари го критикуваше неговиот противкандидат Бујар Османи за неговиот пристап кон Косово, велејќи дека тој не работи на зајакнување на врските меѓу двете земји.

„На пример, неговиот интерес за Косово покажува дека тој официјално не реагирал за Бањска. Можеби имаше реакција, но не видов. Не знам дали имало официјална посета на Приштина, не знам, постои можност да имало, но мислам дека во односите… Приштина-Скопје-Тирана, особено министрите кои се Албанци, имаат интелектуална, но и морална и национална обврска за зајакнување на врските. Имам впечаток дека Османи не го направи тоа“, рекол Таравари.

Слични содржини