Додека властите порачуваат дека земјата како кандидатка за членство во ЕУ е силно посветена за искоренување на корупцијата и криминалот, Брисел соопшти дека Македонија, доколку аплицира, може догодина да  стане и дел од најновата Програма на Европската Унија за борба против измами (2021-2027), која има буџет од околу 181 милион евра.

Целта на програмата е да се заштитат финансиските интереси на Европската унија од корупцијата која лошо влијае врз нејзиниот буџет. Преку грант од програмата земјата ќе може да обезбеди опрема за техничка и оперативна истрага, специјализирани активности за обука и истражување. Вицепремиерот за борба против криминалот Љупчо Николовски рече дека проблемот со корупцијата е системски и дека за да се искорени потребно е време.

-Борбата со корупцијата мора да биде континуирана, затоа остануваме цврсто на нашата определба и приоритет, и таа борба ќе ја добиеме, рече Николовски на работниот состанок со директорот на канцеларијата на Европската комисија за борба против измама (OLAF), Вили Итала.

И министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека за поефикасна борба со корупцијата,  министерството работи на нов предлог – закон за контрола на потекло на имотот, но и на други законски решенија.

-Се работи и на подготовката на измени и дополнувања на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со цел, не само за надминување на слабости во текстот на Законот утврдени од страна на Државата комисија за спречување на корупцијата во неговата примена, туку и унапредување на инструментите за анализа на податоци кои и се потребни на Државната комисија во вршењето на нејзините надлежности, рече Маричиќ.

Претседателката на Транспаренси интернешнл Слаѓана Тасева, за„Локално“ вели дека заложбите на институциите за борбата против корупцијата се само декларативни.

-Вакви и слични активности се суеште само декларитвни, дека некој ќе се бори против корупцијата. Ние немаме конкретни резултати во борбата против корупцијата. Клучни случаи кои чекаат во нашето судство никако да добијат разрешница. Нашите институции немаат капацитет да се зафатат со вистинската корупција. Тоа се избегнува и се нема храброст да се започне со вистинската борба против коруцпијата. Најтешките случаи обвинителите или ги отфрлаат или ги чуваат во фиока. Тоа е така затоа што сето тоа е поврзано со политиката. Оваа политичка гарнитура сеуште нема разграничено дали навистина сака да испорача борба против корупцнија. Не се направени вистинските реформи, вели Тасева.

Една од најчестите пораки на Европската унија до Македонија е државата да ги зголеми напорите во борбата против корупцијата.

Б.Т.

Слични содржини