Во последните неколку години економските и интеграциските политики на СДСМ донесоа поголеми плати и пензии и економската стабилност во услови на повеќе кризи, вели пратеничката на владеачката партија, Лидија Тасевска.
Според неа, податоците се особено јасни ако се спореди со времето на ДПМНЕ.
-Стапката на невработеност во 2016 година беше речиси 24%, СДСМ успеа да ја намали драстично и денес е околу 14%. Само за една година имаме зголемена вработеноста од 9,5%. Минималната плата на работниците во државата, во 2016 година со ДПМНЕ изнесуваше 10.000 денари а во некои сектори и 8.000 денари. СДСМ неколкупати ја зголеми минималната плата и од оваа година изнесува 21.000 денари. Двојно повеќе во однос на ДПМНЕ.
Просечната нето плата во 2016 година изнесувала околу 22.000 денари. СДСМ го оствари изборното ветување пред време и во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 37.000 денари.
Просечната пензија СДСМ ја зголеми за 40%, во однос на времето на ДПМНЕ во 2016 година, истакна Тасевска на прес-конференција.
Пратеничката уверува дека со членството во Европската Унија овие економски резултати ќе бидат значително поголеми.
Затоа СДСМ е посветена на интеграцијата и членството во ЕУ, за поголеми плати и пензии. Тоа ДПМНЕ го блокира со своите неразумни постапки, блокираат поголеми плати за работниците, поголеми пензии, подобар животен стандард, рече Тасевска.