Таткото на Влатко Ѓорчев е Македонецот кој падна во кома откако примил вакцина во Ниш

од Nikola Popovski
593 прегледи

„Мојот татко Проф. Др. Анѓелко Ѓорчев е во длабока кома и се бори за животот на респиратор. Вчера рано наутро (недела) тргнал за Ниш да се вакцинира, затоа што неговата сакана Македонија тотално потфрли со вакцините. Појде на вакцинација заедно со неколку негови колеги доктори“, објави поранешниот пратеник и член на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев на својот Фејсбук профил.

Тој известил дека кратко откако ја примил вакцината, на неговиот татко му се слошило и загубил свест.

„Го реанимирале на лице место, па го однеле со брза помош на кардиологија, а од денес е на интензивна нега во новиот клинички центар во Ниш. Не знаеме колку долго не можел да дише. Не знаеме во која мерка му е оштетен мозокот поради немање на кислород. Сега е на респиратор, во кома. Не знаеме сеуште дали се работи за инфаркт, анафилактичен шок, за редок шок предизвикан од реакција на вакцината, за комбинација од фактори или нешто трето. Сега е најважно да преживее“, стои во објавата на Фејсбук.

73-годишен маж од С. Македонија, на кого му се слошило вчера по вакцинирањето, е во кома, потврдил директорот на Универзитетскиот клинички центар, Зоран Перишиќ, кој вели дека засега исклучиле кардиолошка причина, и ќе направат друга дијагностика, пренесе денес порталот „Јужне вести“.

Милорад Јеркан, директорот на Здравствениот дом, изјавил дека на маж од земјава му се слошило вчера во салата „Чаир“. Неговите први проценки биле дека не е нешто сериозно. Сепак, од моментот на прием, како што изјави директорот на УЦЦ Перишиќ, постариот човек не е во свесна состојба. Според информациите од докторот, тој се уште е во кома.

„Не сме го виделе во поинаква состојба во просториите на Клиничкиот центар во кое било време. Ништо не се менува, нема значителни промени во споредба со вчерашниот ден“, вели Перишиќ.

Тој додава дека не е позната причината поради која пациентот е во кома по вакцинирањето.

Ангелко Ѓорчев е специјалист по пулмологија и алергологија, пензиониран универзитетски професор кој предаваше на Медицинскиот факултет во Скопје. Член е на повеќе домашни и меѓународни здруженија и има објавено над 200 трудови во стручни списанија и три книги.

Слични содржини