Таткото на загинатата Надица од „Пулс“: Болката е иста како првиот ден, времето не ја лекува раната кога родител го изгубил своето дете

Емотивна објава на Александар Наунов: „Една година те барам во соништата, во ѕвездите, во секој ветер што ќе помине“

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Телма

Александар Наунов, таткото на Надица која го загуби својот живот во дискотеката во „Пулс“ и претседател на Здружението на граѓаните 16-ти март 2025, денеска преку социјалните мрежи се сеќава на својата ќерка на годишнината од големата трагедија.  Со емотивни зборови, кои го кинат срцето, Александар ѝ се обрати на својата ќерка.

„Ќерко моја, ѕвездо моја која сјае на небото…

Денес помина точно една година откако те нема, а болката е иста како првиот ден. Времето не ја лекува раната кога родител го изгубил своето дете. Таа рана само учи како да живее со солзите.

Ќерко моја, куќата без тебе не е куќа. Тишината без твојата смеа е потешка од секој крик. Секое утро се будам со надеж дека ќе те видам, дека ќе го слушнам твојот глас… но наместо тоа, ја гушкам празнината што остана зад тебе.

Една година те барам во соништата, во ѕвездите, во секој ветер што ќе помине. Една година срцето на татко ти плаче за тебе, за твојата насмевка, за твоите чекори што никогаш повеќе нема да се слушнат.

Но знај едно, ќерко моја… Ти не си само спомен. Ти си моето срце. Ти си мојата душа. И додека јас дишам – ќе живее и твоето име. Почивај мирно, ѕвездо на татко ти. Ќе те сакам до последниот мој здив“, стои во објавеното видео од Александар.

Во знак на сеќавање, им се оддава почит на младите животи што никогаш нема да бидат заборавени. За спомените што остануваат, за болката што не поминува и за ветувањето дека нивните имиња ќе живеат засекогаш. Денес, Кочани застана во тишина – со свеќи, солзи и спомени за оние што прерано заминаа. Во знак на сеќавање, им се оддава почит на младите животи што никогаш нема да бидат заборавени. За спомените што остануваат, за болката што не поминува, и за ветувањето дека нивните имиња ќе живеат засекогаш.

Слични содржини