ТАВ Македонија се подготвува за отворање на аеродормите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции, кои пак се во координација со меѓународните воздухопловни власти каде се во тек активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници. Официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела чекаат и авиокомпаниите за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид.
Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава, ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од кризата со вирусот ковид-19. И по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи, луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста. Со оглед на рецесијата која се очекува, што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем. Само во март, по затворањето на двата аеродрома, концесионерот регистрира намалување на патниците за 55 проценти, во споредба со март лани.
– Да, ние се подготвуваме за реотворањето на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, и покрај тоа што во овој момент сè уште не го знаеме точниот датум, бидејќи чекаме официјална информација од Владата. Како што знаете, вонредната состојба трае до 16-ти мај, но во овој момент не знаеме дали и границите и аеродромите ќе бидат отворени веднаш после овој период. Ние сме подготвени и се надеваме на поскоро почнување со работа. Веднаш штом добиеме официјална информација, ќе ја информираме јавноста, патниците, споделувајќи ги сите важни информации со нив, во врска со идните патувања – изјави за МИА Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Во однос на тоа како ќе се одвива нормализирањето на авиосообраќајот, почитувањето на мерките за превенција од вирусот и што тоа ќе значи за патниците Ерсој вели дека ТАВ Македонија ги следи меѓународните искуства, препораки и упатства за враќањето на аеродромските операции по ковид-19, како и националните прописи во цивилното воздухопловство и оти ќе ги имплементира во делот на своите надлежности.
– Согласно моменталните мерки на аеродромите кои сè уште се отворени и дискусиите на експертите – хигиенските мерки кои веќе ги применуваме ќе бидат интензивирани, а мерки на социјално дистанцирање ќе бидат имплементирани во текот на целиот процес на патување на еден патник – вели Ерсој.