ТАВ поттикнува отворање на авиолинии меѓу Македонија и Шпанија

од Vladimir Zorba
423 прегледи

ТАВ Македонија, заедно со домашниот тур-оператор за дојдовен туризам Balkan Prime Tours, во изминатите три дена беа домаќини на влијателен шпански блогер и претставници на седум реномирани туристички агенции од Шпанија. Целта на оваа иницијатива е да се креира интерес за Македонија како туристичка дестинација кај шпанските патници, со што ќе се поттикнат авиокомпаниите да воведат директни авиолинии меѓу двете земји.

-„Како аеродромски оператор ние секогаш ги слушаме барањата на патниците. Многумина од нив посакуваат авиолинии од Скопје до Барселона и Мадрид, како и до други атрактивни дестинации во Шпанија. Затоа, како дел од маркетинг-стратегијата и како дел од промотивните активности на ТАВ Македонија, заедно со македонскиот тур-оператор Balkan Prime Tours, ги поканивме најистакнатите туристички агенции од Шпанија, заедно со влијателен туристички блогер, за да ја запознаат Македонија и нејзиниот огромен туристички потенцијал како нова дестинација за шпанските патници. Веќе имаме интерес од Македонците да патуваат во Шпанија, па сфативме дека треба да создадеме интерес и кај шпанските патници за на тој начин да ги поттикнеме авиокомпаниите да воспостават директни авиолинии меѓу двете земји. Истовремено, работиме и на привлекување на авиокомпании кои би почнале да летаат и од скопскиот и од охридскиот аеродром до целни и атрактивни дестинации за одмор во Шпанија”, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

Шпанските гости за време на нивниот 4-дневен престој, ги посетија тврдината Кале, Старата чаршија, Камениот мост, родното место на Мајка Тереза во Скопје, Шарената џамија во Тетово, стариот дел на Охрид, Хераклеја во Битола, копаничарска работилница и винарија во Кавадарци. Тие имаа можност да ја слушнат приказната за македонскиот рубин, да се сретнат со официјалниот фотограф на фестивалот „Струшки вечери на поезијата”, како и да се запознаат со историјата на познатите охридски бисери. Беа примени и од шпанскиот амбасадор во земјава, кој исто така ја поддржа оваа иницијатива.

-„Идејата беше да создадеме искуство каде нашите гости ќе го почувствуваат македонското гостопримство и ќе ја откријат автентичноста на Македонија преку средби со локалното население. Затоа, им овозможивме да ја пробаат уникатната локална и традиционална храна подготвена од страна на семејство од Битола, заедно со дегустација на македонски вина”, додаваат од ТАВ Македонија.
Како што известува компанијата, нивните маркетинг-активности за привлекување нови авиокомпании и отворање нови дестинации се постојано во тек.

Поддржани од матичната компанија, ТАВ Аеродроми, македонскиот аеродромски оператор присуствува на најзначајните туристички и воздухопловни саеми на светско ниво, иницира средби и преговори со различни авиокомпании, со една главна цел – зголемување на бројот на дестинации и бројот на патници на двата аеродрома во Скопје и во Охрид. Во рамки на маркетинг-активностите, ТАВ Македонија не ги промовира само македонските аеродроми, туку и Македонија како неоткриена туристичка дестинација.

ТАВ Македонија го заокружи периодот од јануари до октомври 2022 година со 2 милиона (2.031.562) патници кои патувале преку двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле–Охрид. Ова претставува -11% споредено со истиот период во 2019, година што се смета за референтна во авијацијата, или периодот пред пандемијата со Ковид-19. Споредено со истиот период – јануари-октомври 2021 година, бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром закрепнува, односно од јануари до октомври е зголемен за 78%.

Слични содржини