Течат уставните рокови, Пендаровски – ми треба уште еден допис за тоа на кого да му дадам мандат

од Берта Китинска
157 прегледи

Собранието вчера ја констатира оставката на Зоран Заев од премиерската функција. Воедно вчера формално известување пристигна до претседателот на државата со што почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова влада.

Според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Претседателот на државата Стево Пендаровски очекува предавањето на мандатот на новиот мандатар да се случи следниот вторник или среда. Тој вчера изјави дека до него е стигнат дописот од Собранието за оставката на Заев, но рече дека му е потребен уште еден допис од партијата која има мнозинство за да може да го даде мандатот.

„Денеска попладне до мојот Кабинет стигна допис од спикерот Талат Џафери дека Заев поднел оставка и цела влада е во оставка. Откако јас го добивам известувањето почнуваат да течат тие десет дена во кои сум должен да го дадам мандатот. Од денес попладне почна да тече тој рок. Ми треба уште еден допис, кому да го дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на СДСМ, морам да знам кому го давам како личност, конкретно на некој човек“, истакна Пендаровски во вечерашното гостување на телевизија Канал 5.

На новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, за кого се пишува дека ќе биде новиот мандатар, според Пендаровски, треба да му се даде шанса. Ковачевски, рече Пендаровски, е голема непознаница во политиката затоа што не бил на позиција претходно, но треба да му се даде шанса.

Треба да му се даде шанса. Факт е дека има богато академско искуство, има години и години партиски стаж во СДСМ, таму го познаваат. Мислам дека има конекции со разноразни групации кои постојат. Мислам дека има добра стартна основа, рече Пендаровски.