Текстилниот сектор пред колапс – не го спасуваат ниту увезени работници

од Vladimir Zorba

Во ситуација кога и Владата од вчера отворено ретерира во ставот дека увозот на работници од странство е единственото решение за кризата со недостиг од работници, од текстилната индустрија која за само една година остана без 8000 работници, бараат други  решенија од надлежните институции.

Аргументите со кои го бранат својот  став се во насока на тоа дека на ваков начин нема да се реши проблемот бидејќи за работната сила од Азија, нашата држава ќе претставува само „отскочна даска“ за во европските држави.

Веќе се обелоденија износите кои ќе мораат да ги покријат газдите за да донесат работник од странство. Така на пример, само на почетокот ќе бидат потребни барем 2000 евра, и тоа за пат, сместување, здравство и многу други ставки“, изјави за „Локално“, Љупчо Радовски, претседател на Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија.

Љупчо Радовски

Посочува дека работодовачите треба да најдат начин како да ги задржат нашите работници бидејќи тие се вредни и квалификувани, но треба да бидат и достоинствено платени.

Радевски потсетува дека несоодветниот однос на работодавачите кон работниците во текстилниот сектор се провлекува многу долго, од транзициониот период до денес.

„Наместо работникот да биде вреднуван и платен за неговиот труд со примања кои ги заслужил, некои од „новопечените“ газди им даваа мали плати, не им ги плаќаа прекувремените часови, им ги преполовуваа годишните одмори, им се закануваа дека доколку не бидат послушни можат да си одат бидејќи други чекаат на работа“, наведува Радевски.

На овој начин, како што вели, текстилните фирми добиле лош имиџ, поради што младите луѓе изгубиле интерес за вработување кај нив. Како општествено одговорни фирми ги посочува оние кадешто вработените биле синдикално  организирани.

Од друга страна, ставот на работодавачите во однос на увозот на работна сила од странство е дијаметрално спротивен. Маријана Перковска, претседател на текстилниот кластер,претходно за „Локално“, изјави дека оваа  опција не само што е реална,туку е и особено потребна во постоечките услови на македонскиот пазар на труд.

Како најголеми проблеми ги посочи недостигот на работна сила, како и ниската продуктивност на вработените. Ги отфрли како неосновани тврдењата дека платите за кои работат нашите работници во текстилниот сектор се неприфатливо ниски.

Маријана Перковска

Маријана Перковска

„Ние и не сме толку ниско со платите во текстилната индустрија, особено ако се стави во корелација со продуктивноста, дури имаме и високи бруто плати кои не се одржливи, не само од аспект на продуктивноста туку и заради фиксниот курс на еврото, што негативно влијае на извозниците“, изјави Перковска.

Категорична рече дека во целиот процес на увоз на работна сила од странство треба да се вклучи државата и тоа Агенцијата за вработување, Министерство за здравство и Министерство за внатрешни работи.

К.В.С.

 

Слични содржини