Тектонски промени во Црна Гора: Милатовиќ ита кон победата

од Stefanija Kuzmanovska
206 прегледи

На изненадување на многумина, актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, кандидатот на Движењето Европа сега, се пласираа во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора. Иако сценариото на вториот круг беше извесно, како и учеството на Ѓукановиќ во него, многумина го очекуваа Андрија Мандиќ на втората позиција. Црна Гора се подготвува за тектонски промени на 2 април, кога ќе се одржи вториот круг од претседателските избори.

Според податоците на Центарот за демократска транзиција (ЦДТ), во вториот круг одат Мило Ѓукановиќ со 35,3 отсто од гласовите, како и Јаков Милатовиќ со 28,9 отсто од гласовите.

Кандидатот на Демократскиот фронт (ДФ) Андрија Мандиќ се најде на трето место со 19 отсто од гласовите, а по него е кандидатот на демократите Алекса Бечиќ со 11,3 отсто.

Кандидатот на Социјалдемократската партија (СДП) Драгиња Вуксановиќ Станковиќ е петти – 3,2, шести Горан Даниловиќ (Обединета Црна Гора) – 1,5, а седмиот независен кандидат Јован Радуловиќ – 0,8 отсто од гласовите.

Ѓукановиќ: Победувам во вториот круг

Веднаш по објавувањето на резултатите, пред граѓаните се обрати кандидатот на ДПС, Мило Ѓукановиќ, кој е уверен во својата победа.

„Очекувам победа во вториот круг. Нема кандидат кој го посакував, кој и да дојде – тој е послаб од мене“, изјави Ѓукановиќ.

Тој посочи дека во првиот круг го постигнале токму тоа што го планирале, над 120.000 гласови.

„Тоа го сметам за вреден резултат кој ме исполнува со задоволство“, изјави Ѓукановиќ.

Милатовиќ ита кон победата

Од друга страна, Јаков Милатовиќ и Покрет Европа сега бележат постојан пораст на поддршката. Она што е клучно за вториот круг е поддршката на кандидатите кои не поминаа.

Тоа веќе го соопштија лидерот на демократите, Алекса Бечиќ, како и еден од лидерите на ДФ, Андрија Мандиќ. Сосема е извесно дека Милатовиќ ќе биде поддржан од Горан Даниловиќ (Обединета Црна Гора), додека од Социјалдемократската партија нема.

Во тој случај, 28,9 отсто на Милатовиќ би можеле да се комбинираат со 19 на Мандиќ, 11,3 на Бечиќ и 1,5 на Даниловиќ. Тоа значи дека Милатовиќ во вториот круг би можел да освои 60,7 отсто од гласовите, што би претставувало убедлива победа над Ѓукановиќ.

Аналитичарите претходно сугерираа дека за Ѓукановиќ би било погубно доколку Милатовиќ се пласира во вториот круг, бидејќи на него ќе му се „додадат“ гласовите на останатите кандидати од првиот круг.

Слични содржини