Термини за изнесување на кучињата за време на забраната за движење

од Vladimir Zorba
364 прегледи

Сопствениците на кучиња кои ги чуваат како домашни миленичиња во станови, ќе може да ги изнесуваат надвор во одредени термини во денот за време на забраната и посебниот режим на движење што ќе се применува од среда, 8 април.

Според одлуката на Владата од денешната, 36-та седница, на целата територија на државата, своите миленичиња од понеделник до петок сопствениците ќе може да ги изнесуваат од домовите 30 минути навечер, од 20 до 20.30 часот.

Во сабота и недела дозволено им е да ги изнесат трипати во денот – наутро од 8 до 8.30 часот, попладне од 15 до 15.30 и навечер од 20 до 20.30 часот.

Притоа треба да бидат оддалечени најмногу 100 метри од објектот во кој живеат и да го задржат минимум потребното растојание од останатите лица и да не се групираат.

Согласно новите мерки за ограничување на движењето, од задутре, 8 април 2020, полицискиот час во целата држава ќе почнува од 16 до 5 часот во работни денови, а во сабота и недела ќе биде целодневен, односно ќе почне во петок во 16 часот и ќе заврши во понеделник во 5 наутро.

Повозрасните од 67 години од задутре ќе може да се движат надвор само од 10 до 12 во работни денови, а на младите до 18 години дозволено ќе им биде надвор од дома да бидат само од 13 до 15 часот.

Слични содржини