Генералниот директор на Црвена звезда, Звездан Терзиќ, изјави дека сите во клубот се горди што помогнале на својата братска Северна Македонија и што одиграле хуманитарен натпревар против Вардар.
„Горди сме на фактот што Црвена звезда успеа да и помогне на нашата братска Северна Македонија во тежок момент по големата трагедија што го снајде македонскиот народ. Особено сме задоволни што стадионот беше многу добро исполнет, што навивачите во Северна Македонија имаа можност да ја гледаат Црвена звезда во живо и што заедно успеавме да собереме хуманитарна помош за семејствата на загинатите во Кочани“, стои на клупската веб-страница.
Црвена звезда победи со 3:1 пред 25.000 навивачи, а целиот приход од влезниците ќе биде дониран за семејствата на загинатите во кочанската трагедија во која животот го загубија 61 лице.
„Црвена звезда има големо име и голем број навивачи во Северна Македонија, а тоа најдобро се виде по атмосферата на стадионот и топлата реакција на публиката кога ветераните на Црвена звезда и Вардар излегоа на терен“, додаде Терзиќ.
Терзиќ истакна дека во наредните години Црвена звезда ќе ги продлабочи односите со навивачите од Северна Македонија.
„Ние сме горди на овој однос и ќе направиме се за да го зачуваме, продлабочиме и зајакнеме во наредните години, за навивачите во Северна Македонија да продолжат да ја сакаат и да ја поддржуваат својата Црвена звезда“, заклучи генералниот директор на Црвена звезда.