„Тешка артилерија“ во Чаир: За Меџити и Османи ќе се гласа како на „политички референдум“

„Живот или смрт“ наспроти локален политички натпревар: Дали битката за Чаир ќе биде показател „кој е кој“ во албанскиот блок?

од Nikola Popovski
222 прегледи

Владините коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ сè уште без конечен договор за кандидатите за градоначалници за Куманово и за Центар. Разговорите се во тек и се движат во позитивна насока, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски. Конечната одлука се очекува по 15-ти август. Од ЗНАМ очекуваат поддршка за нивниот лидер Максим Димитриевски, а претходно најавија дека свој човек ќе номинираат и за Центар. Со другиот владин партнер ВЛЕН, Мицкоски рече дека имаат принципиелен договор да се поддржуваат во оние општините каде едната или другата коалиција ќе има свој кандидат. Изет Меџити, кој се поизвесно е дека ќе се соочи со потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи во Чаир, вели дека до крајот на неделава ќе бидат обелоденети кандидатурите на ВЛЕН. Коалицијата дефинитивно ќе оди со свој кандидат за Скопје.

Опозициската ДУИ пак тврди дека претстојните локални избори не се само натпревар за управување со општините, туку се политички референдум за стратешката иднина на државата и за нејзината ориентација кон европското семејство. „Овие локални избори се моментот кога се одлучува не само за улиците и училиштата во општините, туку и за патот по кој ќе тргне самата држава: патот кон Европа или патот кон мрачен и опасен источен правец. Секој глас на овие избори е глас за ориентацијата и иднината на државата“, велат од партијата на Али Ахмети.

Во јавноста се поставува дилемата дали битката за Чаир ќе биде показател „кој е кој“ во албанскиот блок на претстоните локални избори…За дел од аналитичарите, битката за Чаир и Тетово е повеќе од локален политички натпревар и претставува суштинска пресметка за идниот политички баланс во албанскиот блок и пошироко. Според аналитичарот Џенур Исени, фактот што и ВЛЕН и ДУИ настапуваат со свои најсилни имиња, само потврдува колку овие избори се значајни за нив.

-Со други зборови, овие избори се „битка на живот и смрт“ за двете страни, не само за локалната власт, туку и за идниот политички легитимитет во албанската заедница, вели Исени во разговор за „Локално“.

Џенур Исени

Во однос на Чаир, според неговата проценка, Меџити влегува во изборната трка од т.н. пол позиција.

-Од влегувањето во политиката досега, Меџити нема забележано изборен пораз, што говори за неговата силна локална поддршка и капацитет да мобилизира електорат. Дополнително, фактот што ВЛЕН е дел од централната власт заедно со ВМРО-ДПМНЕ, отвора можности за заемна поддршка на терен, фактор што може да биде одлучувачки во нерамноправни изборни средини како што е Чаир, истакнува соговорникот.

Што се однесува до дилемата дали ВЛЕН „ги штити интересите на ВМРО-ДПМНЕ“, Исени смета дека тоа е политичка конструкција без основа.

-ВЛЕН има своја автентична агенда, фокусирана на албанските интереси, институционална еднаквост и реформи. Од друга страна, мора да се признае дека ВМРО-ДПМНЕ како водечка партија во владата покажува прагматичност и отвореност во соработката со ВЛЕН, особено во однос на клучни закони што се важни за правата на Албанците, како што беше Законот за правична застапеност. Во новата политичка реалност, неопходна е соработка и преку етничкиот праг, и мислам дека граѓаните ќе умеат да ја препознаат искрената заложба за резултати, наместо старата политика на поделби и реторика без ефект. Затоа очекувам дека ВЛЕН ќе има силна поддршка, не затоа што некој ги „штити“ туку затоа што покажуваат резултати, потенцира аналитичарот.

Од друга страна, аналитичарот и новинар Дритон Зенку вели дека станува збор за локални избори и во нормални и демократски држави, тоа би се сфатило како трка за избор на административен менаџер на локалната самоуправа. Но, во Македонија, како што вели, таа борба добива поинакво значење – политичарите ја претвораат во прашање „живот или смрт“, во политичка смисла. –

 

-По информациите дека Османи ќе биде кандидат за Чаир, а особено по скандалите што ги обелодени градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, работите добија нов тек. Меџити изјави дека, доколку ДУИ настапи со Бујар Османи, тогаш и власта ќе одговори со „истата артилерија“, односно со фигура што ќе може да му се спротивстави на Османи. Кандидатурата на Меџити сè уште не е официјализирана, а доколку се точни информациите дека тој живее во Бутел, а не во Чаир, тогаш неговата кандидатура би можела да биде правно проблематична. Изборниот законик предвидува дека кандидатот мора да биде жител на општината најмалку три години за која се кандидира. Останува да се види епилогот на овој процес – дали ќе се соочат Меџити и Османи во Чаир, што би значело жестока трка. Меџити веќе има две мандати како поранешен градоначалник, а и неговиот наследник беше под негово влијание. Граѓаните на Чаир ќе имаат избор – дали да се одлучат за продолжување на досегашното владеење, или за нова опција, анализира Зенку во разговор за „Локално“.

Соговорникот смета дека трката во Чаир ќе биде силна, со оглед на тоа што Османи доаѓа со богато дипломатско искуство, но и како поранешен министер за здравство.

-Станува збор за уникатен профил што влегува во борба за локална власт. Политичките субјекти ќе направат сѐ за да бидат победничка опција – ќе ја искористат секоја можна алатка за да стигнат до успех. Доколку не се појават административни пречки и доколку кандидатурата на Меџити биде официјализирана, тогаш изборите во Чаир ќе го надминат нивото на обични локални избори и ќе се претворат во политички референдум, потенцира аналитичарот.

Околу тоа дали се чини дека актуелниот градоначалник Висар Ганиу „извиси“ за позицијата поради тековниот конфликт со Арсовска за дивоградбите и колку е тоа важно за албанскиот електорат, при изборот за нов градоначалник, Зенку вели дека жителот на Чаир живее таму и секојдневно се соочува со реалноста и најдобро ја знае состојбата.

Дритон Зенку

-Факт е дека од 2005 година па досега, со Чаир управуваше Меџити и неговиот тим. Успесите и неуспесите во овие две децении се припишуваат токму на него и на неговиот тим. Доколку жителите на Чаир сметаат дека опцијата Меџити добро управувала со општината во изминатите 20 години, имаат можност да ѝ дадат легитимитет за уште еден мандат. Ако, пак, постои незадоволство од нивната работа, тогаш постои шанса за промена. Луѓето, генерално, имаат тенденција да бараат промена, нова алтернатива. Дали тоа ќе се случи и во Чаир – останува да се види. Гласот е одлучувачки, но влијаат и други околности. Во текот на кампањата и на денот на изборите, често влегуваат во игра и други форми на притисоци, уцени, па дури и купување на гласови. Тоа не е феномен што ни е непознат. Ќе се види и легитимитетот и законитоста на изборниот процес, не само во Чаир, туку и во другите општини, истакнува аналитичарот.

Според него, изјавите на Арбен Таравари по неговото напуштање на ВЛЕН и владејачката коалиција не се политичка фарса – тие аномалии ги чувствува и администраторот, бизнисменот и обичниот албански граѓанин. Ако тврдиш дека, вели Зенку, состојбите се лоши, а на терен е поинаку, тогаш јавноста не ти ги прифаќа изјавите.

-Но, анкетите на релевантни институти го потврдуваат ставот на Таравари. Со еден рез, Таравари ја пресече својата партија од „колачот“ наречен ВЛЕН. Иако се обидоа да ја релативизираат неговата одлука, излегувањето на Таравари скапо ја чинеше ВЛЕН – и тоа се гледа на терен. ПР-тимот на ВЛЕН не успеа да ја менаџира ситуацијата. Нападнаа таму каде што не требаше, а оставија празнини таму каде што можеа да маневрираат. Обвинувањата дека Таравари отишол кај Али Ахмети, додека самите остануваат покрај Христијан Мицкоски, беа негативно прифатени од албанското гласачко тело, оценува соговорникот и додава:

-Али Ахмети има историја, има политички багаж и придобивки за Албанците. Ахмети не може да се споредува со Мицкоски, кој во очите на Албанците е политичарот што секојдневно укинува по една право стекнато со борбата од 2001 година – правата за образование на мајчин јазик, за јазикот и знамето. Тоа беше погрешниот пристап на ВЛЕН во борбата против Таравари.

Објавија дека се распаѓа Европскиот фронт и дека дел од пратениците од опозицијата ќе преминат во ВЛЕН и ќе се приклучат на владата. Тоа не се случи. Обидот Таравари да се замени со Арбен Фетаи беше целосен неуспех. Фетаи доби власт од Таравари, но вистинската власт доаѓа од народот. Фетаи и неговата мала група останаа изолирани во владините канцеларии, а обидите за теренска активност беа бледи и не дадоа резултат – затоа и не продолжија.

Фетаи секојдневно ја менува стратегијата, бидејќи не успева да ги оствари целите, нема сила и постојано се соочува со нови критики штом се појави во јавноста. Не може да се излегува со соопштенија за „суперлативни“ успеси, а состојбата на терен да биде катастрофална. Не можеш да зборуваш за реформи и успеси во администрацијата, кога албанскиот администратор се чувствува запоставен и понижен.

И од изјавите, и од конкретните постапки на терен – ВЛЕН не успеа ниту да порасне, ниту да го заштити своето гласачко тело. Напротив, речиси беше избришан, заклучува Зенку во разговорот.

Н.П.