Тет-а-тет средба меѓу Ковачевски и Мицкоски: „Се дава до знаење дека пратениците се кукли на батерии на политичките лидери“

од Nikola Popovski

„Историска“ лидерска средба за спас на европскиот пат на земјата или само обичен состанок меѓу лидерите на двете најголеми политички партии во државата? Во пресрет на денешната средба во Клубот на пратеници, на која меѓу другото Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски ќе разговараат и за уставните измени, дел од експертската јавност во земјава смета дека не вакво соочување воопшто не е потребно и не очекуваат ништо посебно да се случи.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во разговор за „Локално“ вели не очекува ништо особено од средбата „во примордијална, примитивна политичка антикултура, да се артикулираат ставовите на граѓаните“.

Благојче Атанасоски

-Прво овој формат на „лидерски средби“ е супститут за парламентарната законодавна демократија, и се дезавуира работата на Собранието, односно флагрантно се дава до знаење дека пратениците се кукли на батерии на политичките лидери, а не независни избрани народни претставници, кои треба со своја глава, лично да одлучат по своја воља како ќе гласаат за сите закони, вклучувајќи и едни вакви уставни измени. Така што предвидената средба е уште една мизерија на македонската политичка сцена, смета Атанасоски.

Дециден е дека нема потреба да одите на проформа средба да се сликате, само да се задоволат западните партнери.

-Така не се води месна заедница, не пак држава која е членка на НАТО и треба да постане на ЕУ. Но кај нас овие 3 децении повеќепартиската демократија е деградирано се и дерогирано се до таа мера, што под дното ние секогаш пробиваме ново дно. Ако одат само да се сликаат и да останат на своите ставови, тогаш средбата е депласирана и непотребна, укажува аналитичарот.

Појаснува дека нема да има никакво соломонско решение, ако се нема нормален и цивилизациски политички дијалог и да се работи заедно на реформите во државата, потребни за евроинтеграциите.

-Ако сте рововски поставени и водите карлшмитовска битка до истребување, тогаш државата ја блокирате и ја уназадувате по секој основ, токму така како што работеа до сега. Патот е еден, а тој е реформи во сите општествени сфери на живеењето за да се подобри квалитативно животот на македонските граѓани. Кај нас, политичките елити, напротив работат да го влошат и уназадат, порачува Атанасоски.

Сличен став дели и професорот и аналитичар Тони Науновски. Во изјава за „Локално“ вели дека е уверен дека воопшто не треба да има никакви средби со раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.

-Тие просто мора да се маргинализираат од сериозните политички и општествени субјекти и да се третираат како мала пречка на патот кон подобра Македонија и соодветно перманентно да се пронаоѓаат модели за нивно оддалечување од јавно-политичкиот дискурс. Ништо што доаѓа оттаму, од таа партија, дури и во крајна интенција не е определено од целта доброто на народот и државата – туку од безобзирна желба да дојдат на власт буквално по секоја цена. Мотивот за покана е прозаичен – да се покаже пред ЕУ и САД дека имало обид за демократски дијалог во врска со неопходните постапки на државата во процесот на интерација во ЕУ, но тоа би било разбирливо единствено доколку од другата страна имате партија и луѓе кои се посветени на државата и народот а тоа објективно не е случај со ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ, анализира Науновски.

Тони Науновски

Смета дека е тотално незаслужено и нереално е сеуште да се третираат од „Белата палата“ за најголема опозициска партија.

-Тоа е стара слава, а веројатно никој нормален не верува во комичните т.н.анкети наменски правени за подигнување на моралот на обичното неинформирано членство. Позициите се јасни и не постои ниту минимална можност за рационално, аргументирано убедување на ВМРО-ДПМНЕ– тие и оваа средба ќе ја искористат само за манипулација на членството (бидејќи никој друг одамна не им верува) и пропаганда дека, ете, тие се „патриоти“ кои не се согласуваат со ЕУ-францускиот предлог односно во овој историски миг апсолутно позитивната дистинкција во нашиот Устав меѓу македонскиот народ и бугарскиот народ т.е. дел од Бугарскиот народ кој живее во Македонија, што е целта со уставната промена, посочува соговорникот и додава:

СДСМ и луѓето кои чувствуваат одговорност кон историјата, сегашноста и иднината на Македонија и македонскиот народ мора да му објаснат на буквално секој човек што живее овде дека таа дистинкција е клучна историска придобивка од уставната промена и дека просто ВМРО-ДПМНЕ политички лажат за се друго во врска со тоа, со цел како што веќе кажав, да дојдат на власт преку лагата дека само тие се патриоти. А всушност, обратно е, СДСМ денес се патриотите.

Науновски исто така посочува дека не би изненадил ако на лидерската средба се појават претседателот на Собранието, Талат Џафери и скопската градоначалничката, Данела Арсовска.

-Оттаму, освен како изненадување ако не ги поканат Талат и Данела денес во собата каде треба да дојде т.н. лидер на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ треба да ја откаже средбата, уште повеќе што од мицковистичко ДПМНЕ неа ја користат исклучиво за партиска пропаганда и само како стадиум во нивниот план за власт, додуше мошне провиден и затоа податлив за секакви форми на деридијанска деконструкција и деструкција за доброто на народот и државата, ни рече професорот.

Потенцира дека народот, СДСМ, ЕУ и САД мора еднаш засекогаш да сфатат дека не постои можност за никакво решение со вклучување на ВМРО-ДПМНЕ преку некаков дијалог, дури ниту соломонско решение.

-Напротив, овде станува збор за раскол, во Лиотаровска смисла, тотално непомирливи, инкомпатибилни позиции. Од една страна се одговорните политички субјекти, а од друга страна се група луѓе кои само сакаат да дојдат на власт. Да, Премиерот ги издаде тие од мицковистичко дпмне –  дека коленичеле, парафразирано, така да кажам, во амбасади и ветувале дека кога/ако тие дојдат на власт ќе го сменеле уставот, и јас верувам на зборот на Премиерот – па затоа и сите треба да знаат каква лицемерна, дволична политика водат од дпмне – од една страна пред народот глумат патриоти а пред амбасадорите ветуваат иста  промена на уставот но само кога тие ќе биле власт, замислете ја таа перверзна политичка фарса. Нивната политички подла игра мора да му се покаже на народот, гласачите, да знаат сите со каков перфиден модел на мислење се користат веќе 5 години од т.н. раководство на вмро дпмне. Затоа, од денешниот ден нема да има ништо освен уште еден пропагандно манипулативен бран на бројните про-дпмне медиуми за лажниот патриотизам, но од утрешниот ден имам големи очекувања, можеби конечно ќе се реализира судската одлука за заплена на севкупниот имот на мицковистичко ДПМНЕ, смета Науновски.

Н.П.

Слични содржини