„За време на изборната кампања за вонредните избори за членови на Совет на општина Тетово двете најголеми политички партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ направија поместување во својот досегашен став и за прв пат ја поддржаа идејата за прв вистински градски парк на предложениот појас од нашата иницијатива (Спортски центар-Жена борец парк-Монопол-Шик Јелак). Како што еднаш пред кампањата напоменавме, секоја заложба денес очекуваме да биде проследена со вистинско делување потоа во Советот“, велат од „Тетово сака парк“.
„Ние, по завршувањето на изборите ќе им честитаме на новоизбраните советници и повторно ќе ги повикаме, сите нив, заедно да усогласиме чекори за реализација, која секако е можна и законски предвидена. Овој пат се надеваме ќе можеме за прв пат да зборуваме со аргументи и за начини, а не за изговори и дефокусирања. Недозволив е молкот особено на другите големи партии како ДУИ и БЕСА кои се борат за доминација. Упатуваме апел за будност и од останатите политички субјекти, особено оние кои за прв пат можат да освојат членови на Советот.
Идејата за парк во Тетово е многу поголем концепт од дневна политика, тоа пред се е демонстрирање на едно ново ниво на зрелост на општеството, при што човекот и неговите потреби избиваат на прво место. Неуспехот на оваа иницијатива говори најгласно, погласно од било кој политички памфлет, колку сме блиску или далеку од современиот свет, каде елементарните потреби на човекот се задоволуваат без измачувачки борби со ветерници и објаснувања со ѕид“, додаваат оттаму.