Од СВР Тетово упатија апел граѓаните да не пукаат од огнено оружје на свадби поради опасностите од повреди, фатални исходи како и соочувања со законски последици.
-Овој и наредните два месеца, посебно во јули, на поширокото полошко подрачје веќе се закажани и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености. Ваквите свечености минатите години, неретко се карактеризираа и со повремени нарушувања на јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје или неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства, кои беа законски санкционирани, вели портпаролот Марјан Јосифоски.
Од тетовската полиција потсетуваат дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а глобата за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (член 31). Зависно од последиците, може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик).