Тевдовски: Пратениците на СДСМ да размислат како ќе гласаат за одложување на прогресивното оданочување

од Vladimir Zorba
303 прегледи

Поранешниот министер за финансии, Драган Теводвски на својот Фејсбук профил ги повика пратениците на СДСМ да размислат како ќе гласаат за одлуката на министерката Нина Ангеловска прогресивното оданочување да се стави во мирување во наредните три години.

„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша Тевдовски.

Преку Фејсбук статус реагираше и Бранимир Јовановиќ, кој му беше советник на ексминистерот Теводвски.

„Да бидеме начисто. Со одлуката да го „одложи“ прогресивниот данок, Владата ќе им даде 30-40 милиони евра на најбогатите 1% во оваа држава. Не на сиромашните, не на работниците, не на земјоделците, не на студентите, не на младите, туку на Заевци, Кочовци, Нини, Камчевци и Мијалковци. И, ок, легитимно е. Легитимно е, па и логично, Влада водена од богаташи, да се грижи за богатите, а не за сиромашните. Ама немојте да кажувате дека сте левичари и дека се залагате за социјална правда. Немојте да зборувате дека се залагате за подобро здравство, подобро образование и еднакви можности за сите. Немојте да тврдите дека се застапувате за сиромашните, работниците, земјоделците, студентите, обичните луѓе, народот. И немојте да ги барате нивните гласови на следните избори. И немојте да се изненадите кога тие нема да гласаат за вас. И кога ќе завршите неславно, како најкратката Влада во историјата на оваа земја. Зашто, како што кажал нашиот народ, што сеете, тоа и ќе жнеете“, пишува Јовановиќ.

Ангеловска денеска на прес конференција најави дека прогресивното оданочување ќе биде стопирано во наредните 36 месеци поради реакциите кои искочија во јавноста за носењето на оваа мерка.

„Во следните 36 месеци, стапката од 10 проценти ќе се применува на доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи, односно за оној доход за кој во сегашното решение е утврдена прогресија. Заедно со тоа ќе биде ставена во мирување и стапката од 15 проценти односно стапката од 10 проценти ќе се применува и за доход од права од индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, осигурување и друг доход“, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Таа додаде дека е одлучено даночните ослободувања да не се менуваат и да останат како што се во сегашното решение.

Слични содржини