Тежок удар за Белград од Дамаск: Сирија го призна Косово

Одлуката на сириската влада да ја признае независноста на Косово претставува еден од најтешките удари во надворешната политика за Александар Вучиќ во последните години

од Vladimir Zorba
35 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Вјоса Османи

Одлуката на сириската влада да ја признае независноста на Косово претставува еден од најтешките удари во надворешната политика за Александар Вучиќ во последните години. Особено е изненадувачки што Сирија, под водство на претседателот Башар ал-Асад, со години одбиваше да го признае Косово – главно поради блиските односи со Москва и притисокот од рускиот претседател Владимир Путин.

Србија, која не воведе санкции врз Сирија и покрај барањата на Западот, одржуваше пристојни политички и економски односи со Дамаск. Заедно со Русија и Иран, Сирија беше меѓу ретките земји кои цврсто ја поддржуваа територијалната целовитост на Србија. Затоа многумина во Белград го сметаат признавањеto на Косово од страна на Дамаск за предавство и сериозен удар врз српската надворешна политика.

Според официјалните информации, признавањето на Косово од страна на Сирија беше формализирано за време на состанокот во Ријад, на кој присуствуваа саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, сирискиот претседател Ахмед ал-Шара и косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу. На состанокот се разговарало за зајакнување и развој на односите меѓу трите земји.

Саудиското Министерство за надворешни работи во соопштение ја поздрави одлуката на сириската влада, изразувајќи надеж дека признавањето на Косово ќе придонесе за развој на билатералната соработка меѓу Сирија и Косово и за просперитетот на двете земји и нивните народи. Ријад нагласи дека останува посветен на поддршката на меѓународните рамки што промовираат мир, стабилност и напредок во светот.

Од друга страна, сириското Министерство за надворешни работи потврди дека на трилатералниот состанок се разговарало за продлабочување на меѓусебното разбирање и отворање нови канали за соработка. Дамаск ѝ се заблагодари на Саудиска Арабија за нејзината „конструктивна улога во премостувањето на разликите“ и за помошта во создавањето услови за оваа одлука.

„Сирија со нетрпение очекува непосредно воспоставување дипломатски односи со Косово и развој на соработката во политичката, економската и културната област со цел да се постигнат заеднички интереси“, се вели во соопштението на министерството.

Сирија објасни дека одлуката за признавање на Косово произлегува од „вербата во правото на народите на самоопределување“ и од посветеноста кон „промовирање на мирот и стабилноста на Балканот и во светот“. Дамаск нагласува дека ова е дел од поширока политика на отворање кон светот и зајакнување на пријателските односи со сите народи.

За Александар Вучиќ, кој во последните години инсистираше на одржување на „братски“ односи со Дамаск, овој потег доаѓа како ладен туш. Србија сега се соочува со фактот дека уште еден сојузник во надворешната политика ѝ го свртел грбот.