Поранешната кандидатка на претседателските избори во Белорусија, Светлана Тихановскаја, изјавила дека не планира повторно да се кандидира за претседател.
„Немам такви планови“, изјавила Тихановскаја во интервју за телевизијата „Белсат“, одговарајќи на прашањето дали таа или нејзиниот сопруг ќе се кандидираат во случај на повторени избори во Белорусија.
Таа се вклучи во претседателската трка откако Централната изборна комисија ја одби апликацијата на нејзиниот сопруг, блогерот Сергеј Тихановски, кој бил уапсен на изборен митинг кон крајот на мај, пренесува ТАС С.
Александар Лукашенко победи на неодамнешните претседателски избори во Белорусија, освојувајќи 80 проценти од гласовите, додека Тихановскаја освои 10 проценти од гласовите. Опозицијата не ги признава резултатите од изборите и организира дневни протести, а Тихановскаја замина во Литванија веднаш по изборите.