Тихановскаја повика на продолжување на протестите против Лукашенко

од Vladimir Zorba

Белорускиот опозициски лидер Светлана Тихановскаја овој викенд повика на масовни протести против тајната инаугурација на претседателот Александар Лукашенко, што се одржа во средата.

„Ги поддржувам сите што ќе излезат на улиците низ нивните градови оваа недела“, сподели таа на „Телеграм“, мрежа за размена на пораки, пренесува Хина, повикувајќи се на ДПА.

Претставници на белоруската опозиција тврдат дека победник на изборите минатиот месец е Тихановскаја, а не Лукашенко.

„Заедно можеме да ја постигнеме нашата цел за нови, фер избори, а потоа, како резултат на [нови избори], официјална, законска инаугурација“, рече Тихановскаја, 38-годишна поранешна наставничка, која реши да се кандидира за претседател откако нејзиниот сопруг, потенцијален кандидат, беше затворен во пресрет на изборите.

Во изјавата оваа недела, Европската унија го повтори своето тврдење дека претседателските избори на 9 август не биле „ниту слободни ниту фер“ и дека не го признава Лукашенко за претседател.

Лукашенко беше инаугуриран во средата, на претходно ненајавена, приватна церемонија во Минск.

Штом јавноста дозна за инаугурацијата, започнаа протести низ целата земја, а стотици демонстранти беа уапсени.

Од спорните избори, во Белорусија се одржуваат протести секој ден, под обвинение дека гласањето е наместено за Лукашенко, кој владее 26 години, да остане на власт.

Балтичките држави Литванија, Летонија и Естонија во петокот објавија дека ќе ги прошират санкциите против над 100 белоруски службеници вклучени во кршење на човековите права, пренесува „Ал џезира“.

Слични содржини