Тилев: Наш стратешки интерес бил и мора да остане – Македонија во ЕУ пред или заедно со Албанија и Србија, се друго е геополитички пораз

„Не можам да прифатам дека сите со кои тргнавме рака под рака кон ЕУ, прво Словенија, Бугарија, потоа Хрватска, или оние пред кои бевме најмалку деценија во предност, Црна Гора, сега и Албанија, се подобри од нас. Мора да си признаеме, не е само „до ЕУ“, сепак е и до нас“, потенцира државниот советник

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: Фејсбук

„Држава сме, ќе не биде, но ќе мора што поскоро да ставиме политички очила со соодветна диоптрија. Очилата може да ни го подобрат видот, но и да не заштитат и од прашинкастите коментари кои ги слушам деновиве, а ги имаше многу. Мој коментар на коментарите. ЕУ нема да се распадне, ќе се реформира, процесот е во тек, за оние што следат. Проширувањето нема да застане, напротив, ќе се забрза, за оние што разбираат. Времето е фактор што ги диктира одлуките, за оние кои и мислат добро на Македонија. Само коректните и навремени одлуки се добри одлуки“, порачува државниот советник за европски политики и експерт во областа, Драган Тилев за евроинтегративниот пат на Македонија и проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.

Преку јавна објава, Тилев потенцира дека од октомври 2024 година, кога Албанија го отвори кластерот фундаменти, до денеска со отворањето на последниот кластер, Албанија не остави големи шест чекори зад нив.

-Честитки за Албанија, секоја чест. Тоа е одлично за нив, но не можам со искреност да кажам дека е добро за нас. Тоа едноставно не е точно. Наш стратешки интерес бил и според мене мора да остане, Македонија во ЕУ пред или заедно со Албанија и Србија. Се друго за нас е геополитички пораз.

Би било хипокризија доколку на секој што ќе не „претекне“ на патот кон ЕУ само му честитаме и си продолжиме по старо. Не можам да прифатам дека сите со кои тргнавме рака под рака кон ЕУ, прво Словенија, Бугарија, потоа Хрватска, или оние пред кои бевме најмалку деценија во предност, Црна Гора, сега и Албанија, се подобри од нас. Мора да си признаеме, не е само „до ЕУ“, сепак е и до нас, потенцира државниот советник.

Според него, „колку побрзо си признаеме, ќе почнеме, колективно потемелно и посериозно да креираме излезни решенија“.

-Се наталожија многу грешки изминативе години, но тоа е реалноста со која политичарите, и ние со нив мора да се соочиме. Друг излез нема. Да не губиме време со полни очи прашина, чувството не е пријатно, стои, меѓу другото, во објавата на Тилев.