Тим од пластични хирурзи ќе работи во Кочани за поддршка на повредените

од Даниел Ѓорѓиевски
43 прегледи

Шеснаесет пациенти повредени во пожарот во Кочани, кои досега беа хоспитализирани во земјава, наскоро ќе бидат испишани од болниците и ќе продолжат со домашно лекување. Надлежните информираат дека во наредните две недели се очекува половина од пациентите кои се лекуваат во странство да се вратат во Македонија, при што ќе им биде обезбедена потребната медицинска грижа.

Во моментот, во земјава се лекуваат 54 пациенти – 46 во јавните здравствени установи и осум во приватните болници. Најголем број се во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде 26 пациенти примаат терапија, а останатите се распределени низ неколку други болнички одделенија.

Во странство, пак, се згрижени 115 пациенти, од кои четири се во критична состојба. Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека осум од нив ќе бидат вратени во земјава уште оваа недела.

„Подготвени сме за прием на пациентите кои се враќаат од лекување во странство. Ќе продолжиме со нивниот третман во нашите клиники, со цел да им обезбедиме соодветна грижа и рехабилитација“ изјави министерот Таравари.

Здравствените работници предупредуваат дека состојбата на дел од пациентите е комплексна, со ризик од дополнителни компликации. Со цел да се олесни процесот на лекување, тим од пластични хирурзи ќе престојува во Кочани, каде што ќе ги следи пациентите кои ќе бидат на домашно лекување, со што ќе се избегнат непотребни патувања до клиниките.

„Повеќето од пациентите се од Кочани, па наместо тие да патуваат, нашите хирурзи ќе одат таму за да им ја обезбедат потребната медицинска поддршка“ појасни министерот.

Дополнително, здравствените власти размислуваат за опции за долгорочна рехабилитација на пациентите кои ќе имаат потреба од продолжена медицинска нега.

Владата уверува дека прави сè за да обезбеди соодветен третман за сите повредени.

„Четворица пациенти во странство се во критична состојба, но се преземаат сите неопходни мерки за нивно лекување. Покрај болничката нега, обезбедивме и медицински тимови во Кочани за дополнителна поддршка“ изјави владината портпаролка Венера Љатифи Азизи.

Таа додаде дека истрагата за трагедијата во Кочани продолжува со полна посветеност, а Владата останува решена да ја открие вистината и да обезбеди одговорност за настанот.

Во меѓувреме, Министерството за образование и наука побара од општините да утврдат дали сите училишта имаат соодветни безбедносни планови и протоколи за заштита во кризни ситуации. Државниот просветен инспекторат, исто така, ќе спроведе проверки за исполнетоста на безбедносните стандарди во училиштата.

По трагичниот пожар што се случи на 16 март 2025 година во Кочани, во кој загинаа 59 млади лица, а околу 200 беа повредени, во целата држава беше прогласена седумдневна жалост. Жртвите беа погребани на 20 март во Кочани, Скопје, Струмица и Штип.

Слични содржини