Тимот на СЗО во Вухан: Нема да бркаме лилјаци, ги разгледуваме сите хипотези

од Stefanija Kuzmanovska
317 прегледи

Тимот на Светската здравствена организација (СЗО), распореден во Вухан да го проучува потеклото на КОВИД-19, соопшти дека кинеската страна дејствува отворено, обезбедува релевантни податоци и ги исполнува барањата на мисијата на СЗО за време на нивната работа.

„Пекинг не создава никакви пречки за нашата истражувачка активност. Така е уште од самиот почеток. Кинеската страна дејствува максимално отворено, обезбедува податоци, ги исполнува условите и учествува во дискусии, не можам да кажам ништо лошо на таа тема“, изјави за „Тасс“ Владимир Дедков, заменик директор за истражување на Институтот Пастер во Санкт Петербург и член за мисијата на СЗО во Кина.

Тој потврди дека експертите на СЗО, кои се во Вухан, Кина, за да го испитаат потеклото на коронавирусот, не планираат да земаат примероци и нема да можат да одговорат на главните прашања за време на посетата, како на пример од каде потекнува новиот коронавирус и слично, туку тоа ќе се направи подоцна.

„Ова е само прва голема посета и во текот на неа ќе бидат планирани понатамошни истражувања. Не мислам дека треба да земеме примероци за време на оваа мисија. Нашата задача е анализа и планирање, треба да изготвиме програма за истражување заедно со кинеската страна и ќе биде потребно одредено време за да се спроведе“, објасни Дедков.

Тој се воздржа да одговори на прашање за деталите за програмата на тековната мисија, додавајќи дека видел извештаи во медиумите во кои се наведува дека експертите на СЗО ќе бидат однесени во областите на живеалиштата на лилјаците.

„Прочитав дека треба да одиме во пештера и да бркаме лилјаци. Бев многу изненаден. Би ми било драго да го сторам тоа, но се сомневам дека тоа ќе се случи“, рече рускиот експерт, додавајќи дека експертите на СЗО немаат клучна хипотеза за потеклото на вирусот.

„Тоа е она што го правиме во моментов, ги разгледуваме сите можни хипотези, ги разгледуваме сите факти што ги имаме, ги подредуваме и потоа правиме соодветни заклучоци за тоа колку е веројатен одреден синџир на настани“, објасни Дедков.

Тој смета дека тврдењето дека пандемијата КОВИД-19 започнала во различни делови на светот во исто време е само една од теориите што бара верификација.

 

Слични содржини