Денеска на седницата на Собраниeто, на која се расправа за интерпелација на министерот за здравство, Никола Тодоров, пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаскa, обвини дека Тодоров е виновен за смртта на Тамара, смртта на родилката од Гевгелија, за нефункционирањето на „Мој термин“ и за многу други неуспешни проекти.
– Господине Тодоров, доста е! Ако во Вас останало достоинство, одете си! За да го кажам ова, кредибилитет ми дадоа Тамара, починатата родилка од Гевгелија и нејзиното неродено бебе, евтините, а неквалитетни лекови, здравството со долгови, неуспешниот „Мој термин“, жените од Шутка, отруениот пациент од Битола, пијаните анестезиолози… Чашата е прелеана. Министерството за здравство го достигна дното. Требаше да си заминете уште по смртта на Тамара. Без образ и без срам ги трошите народните пари – рече Шахпаска.
Во својот говор министерот Тодоров не спомна ништо за трагичните случаи поради кои илјадници граѓани излегоа на улиците да ја бараат неговата оставка. Тодоров цело време ги промовираше досега сработените проекти во здравството.
– Многу неточности кажавте во Вашиот говор. Денеска се чека само три дена во јавно здравство. Нема да дозволам да паднам на Вашите политички игри. Денеска ќе зборувам за тоа што е направено досега во здравството. По 35 години има државна кардиохирургија, детска кардиохирургија која успешно функционира со повеќе од 160 интервенции, реконструкција на Градската болница „8 Септември“… – рече Тодоров.
Господине Тодоров, Вие сте лично и директно одговорен за смртта на Тамара. Нели Ви одѕвонуваат во свеста пораките на мајката на Тамара, што Ви ги упати на протестот пред Министерството за здравство“, го праша пратеникот Горан Мисовски министерот Тодоров.
– Имавте желба малата Тамара да биде првиот пациент во центарот за сколиоза и поради тоа тактизиравте. Побарајте си го на „Гугл“ Вашето име. Речиси сите вести поврзани со Вас се лоши. Што уште треба да се случи за да си заминете. Во Црна Гора министерот за здравство даде оставка затоа што починало едно дете, а Вие, како висококвалификуван столар, зборувате за шкафчиња и за столчиња како инвестици во здравството. Ова е под секое човечко достоинство. Очекував дека во Вашиот говор ќе покажете дека Ви е жал. Не забаравајте го и негативниот извештај од Државниот завод за ревизија за Министерството за здравство. Да Ве потсетам на „бомбата“ во која Вие како шеф на изборен штаб го убедувате Јанакиески дека требало лифтовите во зградите да се исклучуваат уште рано наутро, а Вие сте министер за здравство – рече Мисовски.
Тој на Тодоров му порача дека останува на неговата чест, достоинство и одговорност дали ќе поднесе оставка за катастрофата што се случува во здравството.
До министерот Тодоров се обрати и пратеникот Ален Георгиев од редовите на СДСМ, кој рече дека е жално што Тодоров сè уште не го научил првиот принцип во здравсвото, а тоа е да не му се наштети никому.
– Бркајќи во болниците доктори и сестри што спијат на работно место, ќе беше многу чесно да влезевте во собите и да им објасните на пациентите зошто мора да носат греалки од дома. Вие ќе останете запаметен како министер кој го забранил штрајкот и избркавте новинар од работа затоа што се дрзнал на насловната страница да напише дека докторите штрајкуваат. Требаше многупати досега да си заминете. Дали нездоволството на граѓаните и недовербата во здравството не е доволна причина за тоа? Ако имате малку чест и доблест, поднесете си оставка и да го прекинеме овој циркус од интерпелација – изјави Георгиев.
Тодоров, сепак, продолжи да се фали за проектите што во негово време се направени во здравството.
– Многу гнев и фрустрација. Но, тоа е очекувано. Кажете ми дали е лошо или добро што во Штип има интервентна кардиологија? Исто така, можам да ви кажам дека ако во Македонија останеше истиот број на компјутерски томографи што ги оставивте вие во 2006 година, времето на чекање ќе беше девет и пол години – одговори министерот.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, наместо за интерпелацијата на Тодоров, од собраниската говорница зборуваа за случајот со фалсификуваните лични карти и покажуваа плакати на кои беше министерот Оливер Спасовски со еден од наводните фалсификатори на личните карти.
Трајче Димков од ВМРО-ДПМНЕ, во тој контекст, рече дека единствен што треба да поднесе оставка е министерот за внатрешни работи на СДСМ, Оливер Спасовски.
– За што го ставивме вашиот министер? За да фалсификува лични карти? Тој е единствениот кој треба да си поднесе оставка, а овој човек тука треба да биде награден за тоа што се грижи за здравјето на граѓаните – рече Димков, покажувајќи кон Тодоров.
