Досега сите ние во Комисијата заедно со колегата Ванчо Ѓорѓиев заедно сме постигнале решенија и препораки до двете влади за кои сметаме дека помагаат во надминување на проблемите кои постојат во двете држави зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, на Македонците и другите етнички заедници, вели Петар Тодоров, член на македонскот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија.
-Никогаш научните принципи не биле предмет на компромис или на дискусија во рамките на тимот. Секогаш сме се држеле до научните принципи во работата на Комисијата и тие ќе останат непроменети, рече Тодоров во гостување на ТВ Сител.
Тој нагласи дека ниту тој, ниту било кој друг член на Комисијата трпел некаков притисок од Министерството за надворешни работи, од Владата или од некоја политичка партија.
-Најодговорно тврдам дека во ниту еден случај никој не дошол, дали станува збор за некој чиновник од МНР или политичар, да дојде да ни каже вака или онака треба да работите за да се дојде до решението, рече Тодоров.