Тодоровски oд Москва: Мобилизацијата беше очекувана, главниот шок беше на 24-ти февруари, од тогаш Русија живее во воено време

од Берта Китинска

Главните промени во Русија се случија пред и после 24-ти февруари. Ова сега се само мали корекции на курсот кој што тогаш беше донесен, вели во разговор за „Локално“, Дарко Тодоровск, магистер по меѓународни односи и воен аналитичар кој живее во Русија.

Тој нагласува дека Русија влегува во период на мобилизација и на армијата, и на економијата, и на целото општество.

– Ширум Русија се започнати акции за кревање на патриотизмот, Кремљ го започна процесот на будењето на “руската мечка” , вели тој.

Каква е атмосферата во земјата по прогласувањето на делумна мобилизација?

-Русија три пати во својата историја објавувала мобилизација, првиот пат е во 1914 година и Првата Светска Војна, вториот е во 1941 година кога СССР објави мобилизација после нападот од страна на Нацистичка Германија во Втората Светска Војна, и третата мобилизација е на 21-ви септември, 2022 година.Потенцијалот за мобилизиција на Русија е околу 26 милиони мажи способни за војна. Со одлуката за делумна мобилизација, се мобилизираат 300 000 бивши војници, резервисти и воени експерти и офицери. Ќе бидат мобилизирани пред се мажите кои што во последните неколку години служеле во руската армија, и се наоѓаат во резерва. Тоа е околу 1% од мобилизациониот потенцијал на Русија. Интересно е дека 6 пратеници во Руската Дума добрволно се пријавија да бидат мобилизирани.

Одлуката за делумна мобилизација покрена дискусии на сите нивоа во Русија. Има подржувачи и противници на истата како и во секоја држава, што е нормално. Делумната мобилизација беше очекувана, дури и пред неколку месеци, кога стана јасно дека фронтот во Украина стои, и дека Русија не може повеќе да напредува. Главниот шок беше утрото на 24-ти февруари, од тогаш Русија живее во воено време.

Целта на делумната мобилизација е да се постигне паритет со украинската армија по бројот на војници, и да се стабилизира линијата на фронтот, и да се зацврсти одбраната почнувајќи од Белгород па се до Херсон. Украинската армија денес после седумте етапи на мобилизација заедно со другиот безбедносен сектор брои околу 1 милион војници под оружје, додека пак армијата на Руската Федерација која што е вклучена во операциите во Украина, заедно со армиите на Доњецката и Луганската Република бројат негде околу 280 000 војници. Од 1-ви јануари 2023 година предвидено е дополнително зголемување на руската армија за 165 000 професионални војници. Одлуката на Москва за референдуми на териториите на Украина кои што се под руска контрола и нивна анексија и припојување кон Русија, како и одлуката за ограничена мобилизација е со цел „Замрзнување на конфликтот“.

Во светските медиуми се појавуваат снимки од протести поради одлуката на Путин. Се зголемува ли незадоволството меѓу руските граѓани?

-Имаше протести во неколку градови во Русија. Но потенцијалот за протести во Русија не е висок во моментов, бидејќи најголем дел од противниците на Путин, и несистематската либерална опозиција, уште пред 24-ти и после 24-ти февруари ја напушти Русија. Протестите траеја еден ден, бидејќи јас ниту видов а ниту прочитав дека имало нови протести или обиди за протести. Случајно јас и еден студент од Македонија бевме на вечера во центарот на Москва, во близина каде што беа протестите, на улицата Арбат. Се работеше за спонтан, непријавен протест, на кој што имаше околу 800 до 1 000 луѓе, претежно млади, кои што извикуваа „Не на војната“. За споредба, Москва со околината е 20 милиони. Не беше ни голем бројот на полицајци на почетокот. Но тоа е оно што ние успеавме да го видиме од ресторанот каде што бевме. Според видеата што ги видов, во Санкт Петербург кој што е 7 милиони, протестите беа поголеми отколку во Москва.Истовремено, ширум Русија има голем број на настани за поддршка на Донбас и на воената операција.

Дали ова е можеби некаков вид на најава за поголеми промени во земјата во однос на владеењето на Путин или, според вас, ситуацијата ја држи „под контрола“?

-Главните промени во Русија се случија пред и после 24-ти февруари. Ова сега се само мали корекции на курсот кој што тогаш беше донесен. Русија влегува во период на мобилизација и на армијата, и на економијата, и на целото општество. По некое време, мобилизираната армија, економијата и земјата ќе добијат таква инерција (како топка снег што се тркала по планина) и енергија кои што потоа ќе биде тешко да се сопрат, тоа ќе доведе до понатамошна милитаризација на Русија. Но не само Русија, целиот свет влегува во ера на милитаризација и враќање на воената сила на прво место.

Колку се вистински запознаени Русите за „специјалната операција“ во Украина преку медиумите и дали се остава впечаток дека Русија ги остварува своите цели таму?

-Русите се информирани, не само од медиумите, туку претежно од големиот број на Телеграм канали за целиот тек на конфликтот во Украина. Во 21 век, во ера на дигитализација, се е достапно.Факт е дека во моментов ниту Русија а ниту Украина (Западот) не можат да ги остварат своите првични цели. Затоа и двете страни постојано импровизираат. Но и покрај се се водат преговори и има успеси, како што се „Договорот за украинското жито и руското жито, прехранбени производи и хемиско ѓубриво“, неколкуте размени на заробеници со посредство на Турција и последната размена со посредство на Сауидиска Арабија, како и договорот кој што е на повидок за нуклеарната централа Запорожје. Во март во Истанбул фактички беше постигнат договор за ставање на крај на војната во Украина, но во последен момент Киев се откажа од договорот, и која била причината за тоа ќе покаже историјата.Светот денес се наоѓа во фаза на војна која што е поопасна дури и од Втората Светска Војна. Тогаш немаше оружје за масовно уништување, како нуклеарното оружје денес. Во времето на Кубанската ракетна криза, помеѓу СССР и САД постоеше взаемна почит, страв и разбирање за црвените лини на противникот. Плус и отворен директен канал за преговори. Денес ништо од тоа не постои.

Може ли делумната мобилизација да стане еден вид „руски рулет“ за самиот Путин?

-Путин го помина Рубикон на 24-ти февруари. Мобилизацијата беше неминовна порано или подоцна. Ширум Русија започнати се акции за кревање на патриотизмот. Кремљ го започна процесот на будењето на “руската мечка”. За жал овој конфликт се претвори во егзистенцијален и за Русија и за Украина, и поради тоа влоговите се толку високи. Судејќи според риториката и акциите што ги превзема Москва, Русија е решена да оди до крај, а истата реторика следи и Киев и од Западот.

Кадиров ја отфрли мобилизацијата во Чеченија: „Веќе дадовме доволно војници“, вели еден од најголемите сојузници на Путин. Дали ова е можеби еден вид откажување „верност“ и знак дека работите не одат на терен така како што планираше рускиот претседател?

-Се работи за неправилна интрепретација на изјавата на Кадиров, и истата е извадена од контекст. Кадиров изјави дека бројот на мобилизираните во Чеченија е за 254% поголем од планираното. Кадиров заедно со Медведев важат за најжестоки политичари во Русија кога е во прашање Украина. Во Чеченија мобилизацијата се одвива цело време, и после декретот за делумна мобилизација во Чеченија илјадници доброволно се пријавија да бидат мобилизирани. Видеата од Чеченија тоа го покажуваат. Плус во Чеченија се наоѓа еден од најголемите и најсовремени воени центри и полигони за обука, каде што има постојан процес на обука на доброволци и резервисти од цела Русија. Пред неколку денови од Чеченија во воените зони во Украина се упатија илјадници чеченци. Кадиров бара поцврста руска стратегија за Украина, да се оди до крај и употребување на целокупниот воен арсенал со кој што располага Русија.

Б.М.

Слични содржини