„Еден прекршок може да му се случи на било кого, па и втор прекршок. Според статистиката на МВР во последните четири години, најголемиот дел од прекршителите, односно 55.435 граѓани, имаат по една изречена забрана. Сепак, бројките на повратниците во прекршоците се алармантни. Вкупно 7.987 лица се соочиле со втора забрана, додека 1.863 возачи имаат по три правосилни пресуди за забрана за управување возило“, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за состојбите во државата пред воведувањето на системот „Безбеден град“. Според него, со четири забрани има 687 лица, 291 со пет забрани, а рекордери се двајца возачи кои имаат по дури 40 изречени забрани за управување со моторно возило.
Запрашан во емисијата „Заспиј ако можеш“ како возат тие лица со 40 забрани, министерот вели „не знам како возат, но, сега со овој паметен систем нема да возат така едноставно“.
Тошковски истакна дека 2,5 до 3000 возачи загрозуваат животи на 2 милиони други луѓе кои живеат овде или транзитираат низ државата.
-Тоа е суштината на вербата. Ќе докажеме и докажуваме дека во рамки на имплементацијата, камерата не може да препознае братучед, роднина, партиска припадност…Препознава само прекршоци. Невозможно е каде да се јави затоа што системот ги регистрира сите сторени прекршоци, кажа министерот околу тоа дали ќе има „заштитени мечки“ и „фаќање врски“ и покрај функционирањето на системот.