Тошковски ги потврди трагичните инфомрации: 51 лице загина , над сто се повредени во

од Vladimir Zorba
244 прегледи

Педесет и едно лице загина, а повеќе од 100 се повредени во синоќешниот пожар во дискотека во Кочани, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според првичните информации, пожарот настанал како последица на искри од пиротехнички средства кои биле употребени за светлосни ефекти на концертот. Искрите го зафатиле таванскиот дел од лесно запалива материја, по што пожарот брзо се проширил низ целата дискотека, создавајќи густ чад.

– На 16.3.2025 околу 2:35 од страна на полициски службеник од ОВР Кочани кој во моментот постапувал по план за контрола на угостителски објекти во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во Полициска станица Кочани е добиено информација дека во дискотеката избувнал пожар додека се одржувал концерт на групата ДНК, изјави Тошковски.

Веднаш по добивање на информацијата, како што рече, дежурната служба во Полициската станица Кочани ги известила Територијалната противпожарна единица и Итната медицинска помош, кои за краток временски период пристигнале на лице место и започнале со пружање на прва помош и евакуација на присутните.

– Според првичните информации со кои располагаме, пожарот настанал како последица на искри од пиротехнички средства кои што биле употребени за светлосни ефекти на концертот. Во моментот на активирање на т.н прскалки, најверојатно искрите го зафатиле таванскиот дел кој бил од лесно запалива материја, по што за многу краток период пожарот се проширил низ целата дискотека и се создал густ чад. За краток временски период на лице место пристигнати се служби од противпожарните служби и Итна медицинска помош од соседните градови кои се вклучиле во помош на повредените а веднаш се активирани хеликоптери на МВР кои се вклучиле во транспорт на повредените до скопските клиники, рече тој.

Додаде дека МВР со целиот капацитет ги презема сите неопходни мерки за расветлување на околностите и утврдување на одговорност за оваа трагедија.

– Остануваме на терен за пружање на помош и поддршка на сите засегнати. Во оваа прилика сакам да изразам најискрено сочувство за најблиските на загинатите во оваа трагедија, нашите мисли и молитви се со нивните семејства, рече Тошковски.

Слични содржини