Не спиевме овие девет месеци, вие новинарите сте сведоци. Спроведовме еден тон постапки како што не беа спроведени во минатото, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на денешната прес-конференција пред зградата на полицијата по вчерашната трагедија во Кочани.
Министерот, кој дискотеката „Пулс“ ја нарече штала“, истакна дека функционирала 15 години со криминал, мито, корупција и без никакви услови. Како што рече, објектот не исполнувал ништо. Според него, МВР нема обврска да го обезбедува секој угостителски објект.
-Дали МВР е надлежно за обезбедување на јавен ред и мир? Да. Дали согласно закон, МВР треба да ги обезбедува објектите во Македонија? Не. Така е по закон. МВР не може да ги обезбедува сите објекти. Дали МВР требало да било известено за употреба на пиротехника? Да, но, не е известено, кажа министерот.
-Мора да смогнеме сили и да дадеме се од себеси и да направиме се, за Македонија да биде повторно нормална земја. Сите сме свесни дека корупцијата и криминалот ја изедоа оваа земја. Ако се прашувам лично, спремен сум се да сторам што е во рамки на моја надлежност за оваа држава да ја направиме пристојно место за живеење. Сите сакаме да живееме во нормална држава, но, од овие кои што го цицаат системот секојдневно, сме на ова дереџе на кое што сме, истакна Тошковски, додавајќи дека се приведени четворица обезбедувачи на дискотеката и еден управител на објектот.
Тој рече дека во однос на работното време, дали дискотеката требала да работи или не по полноќ, по законска регулатива на ноќни барови и кабареа имаат можност да работат до 4 часот наутро.