Тошковски: Однесувањето на премиерот Џафери кон вработените во МВР е недозволиво

од Stefanija Kuzmanovska
607 прегледи

Во однос на вчерашното видео кое се појави во јавноста, а на кое се гледа како техничкиот премиер Талат Џафери ненајавено упадна во просториите на Отсекот за управни работи Тетово каде што во моментот овластените службени лица ги извршуваа своите работни задачи би сакал да го истакнам следново: Како министер за внатрешни работи, а пред се како човек сметам дека секој вработен во МВР заслужува максимална почит, без оглед на неговата позиција во рамки на хиерархијата или било каква припадност и таа почит треба да биде изразена од страна на секого, независно дали е премиер, министер или извршува било каква друга функција, наведе министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Таквото однесување на премиерот спрема вработените, особено спрема една колешка сметам дека е недозволиво, несоодветно и не доликува на човек кој извршува таква функција, а уште повеќе и поради фактот што таа жена според информациите што ги добив е сопруга на човек кој го дал својот живот во извршување на работни задачи, токму како припадник на министерството за внатрешни работи“, истакна Тошковски.

Во таа насока сметам дека најмалку што може техничкиот премиер Талат Џафери да направи во овој момент е да се извини за ваквото однесување и во иднина да се воздржи од вакви постапки кои сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите, додаде министерот за внатрешни работи, соопшти МВР.

Слични содржини