Тошковски разреши седум началници од Штип и Кочани

од Nikola Popovski
128 прегледи

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски по трагичната несреќа во Кочани донесе повеќе одлуки за разрешувања на началници и командири во рамки на Министерството за внатрешни работи.

Според информациите, се разрешуваат началник на Сектор за внатрешни работи Штип, помошник началник на СВР Штип, началник на Одделение за полиција Штип, началник на Одделение за криминалистичка полиција Штип, началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, командир на Полициска станица од општа надлежност Кочани и началник на Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани

Од МВР повеќе детали најавуваат на прес-конференција во 15 часот и 30 минути.

Во општината во Кочани се врши претрес. Надлежни институции одземаа дел од документацијата во врска со надлежностите на администрацијата околу дозволите за работа на дискотеката.

Вчера првиот полицаец во државата информира дека прскалките, кои требало да го надополнат сценскиот настап на музичкото дуо, а беа фатални за 59 наши сограѓани, во дискотеката ги внел член на бендот, кој загина во инцидентот. Пиротехниката се користела незаконски. Ќе се проверува колку парчиња се запалиле кобната вечер и дали за овој пиротехнички спектакл е потребна дозвола. „ДНК“ немале договор со дискотеката за настап, а салата била небезбедна за одржување настапи од ваков тип.

Моментално во притвор се 14 лица меѓу кои поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши и екс-директорот на ДПИ, Горан Трајковски.

Тошковски најавува засилени контроли на сите дискотеки, клубови и кабареа за да се провери дали ја имаат потребната лиценца за работа, но и дали ги исполнуваат безбедносните критериуми.

Слични содржини