Како Влада, ќе продолжиме да работиме на реформите, на владеење на правото, на борба против корупцијата, не затоа што некој ни го наметнал тоа, туку затоа што тоа е потребно за нашето општество. Но, истовремено, ќе го кажеме јасно и достоинствено нашето „доста е“. Време е Европа да се соочи со прашањето: дали Западниот Балкан навистина е дел од нејзината иднина? Ако одговорот е да, тогаш вратите треба да се отворат со почит и партнерство, а не со нови барања и условувања, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервјуто за Независната балканска новинска агенција (ИБНА).
Во однос на последните случувања во владината коалиција истакнува дека „Владата е стабилна, со јасно парламентарно мнозинство и силен легитимитет добиен од граѓаните“ и додава дека политичките коалиции се дел од динамиката на секоја демократија, доаѓаат и си заминуваат, но државниот курс мора да остане цврст и јасен.
– За нас, најважна е довербата на граѓаните и обврските што ги имаме кон нив. Институциите функционираат, реформите продолжуваат, а безбедноста и сигурноста остануваат наш врвен приоритет. Во овој момент, немаме време за политички калкулации, туку имаме обврска да испорачуваме резултати и токму тоа го правиме, рече министерот за внатрешни работи Тошковски.