Тошковски за пишувањата на британските медиуми за мигрантите: Опозицијата може да се повикува на кого сака, тоа што тврдат е лага

Тошковски информира и дека од година во година, се помалку мигранти се движат низ нашата територија

од Nikola Popovski
31 прегледи Фoто: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 Тв

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски повторно негираше дека власта планира да носи мигранти од Велика Британија. Обвинува дека опозицијата верува во „нивната приказна 100 пати повторена лага, станува вистина“, ама не станува, потенцира Тошковски.

-Опозицијата се повикува на британските медиуми…Опозицијата може да се повикува на кого сака, меѓутоа сите релевантни чинители во државата негиравме дека тоа кое што они го тврдат, е невистина и лага. Најодговорно тврдам дека со ниту еден странски дипломат не сум разговарал на било какво прифаќање на мигранти од страна на било која држава. Никогаш не ми било поставено како прашање, ниту како барање ниту сум имал таков разговор. Не знам како поинаку да реагираме, кажа министерот во емисијата „Само интервју“.

Тошковски посочи и дека секоја година се намалува бројот на мигранти што поминуваат низ државава, за пет, седум, осум проценти,…  како и дека годинава од страна на МВР не е одобрено ниту едно барање за азил. Тој информира и дека од година во година, се помалку мигранти се движат низ нашата територија.

-Кога говориме за тема мигранти, тие транзитираат низ Македонија 10-15 години, а сега имаме и ново утврдување на кризна состојба во делот на мигранти поради она што го имаме веќе како фактичка состојба во државата. На граѓаните мора да им објасниме дека Македонија е клучен фактор во делот на овие процеси поврзани со илегална миграција од едноставна причина затоа што е на патот на нелегална миграција. Ние сме транзит земја и заради тоа сме многу клучни, рече Тошковски.

Во коментар на тврдењата за можноста за враќање на мигрантите во трети земји не само во земјата на потекло и споменувањето на Западен Балкан во тој контекст и договорот меѓу Италија и Албанија, рече дека „македонската опозиција почна да не прави разлика помеѓу Македонија и Албанија“. – Ова е Македонија , не Албанија, кажа министерот.