Воената хунта во Нигер го затвори воздушниот простор на земјата по истекот на ултиматумот на Економската заедница на западноафриканските нации (ECOWAS), која најави употреба на сила доколку соборениот претседател не биде вратен на власт, додека западните медиуми дознаваат дека западноафриканската земјите се уште не се подготвени да интервенираат.
Хунтата, која го собори претседателот Мохамад Базум од власт на крајот на јули, го затвори воздушниот простор тврдејќи дека „странска земја“ се подготвува да изврши инвазија на нејзина територија, без да прецизира за која земја станува збор, пренесува ТВ каналот Ал Арабија.
Веб-страницата за следење летови „Flightradar24“ покажува дека небото над Нигер е чисто од авиони, јавува Би-Би-Си. Претходно, ECOWAS даде рок од една недела за соборениот претседател Мохамед Базум да се врати на власт во Нигер, во спротивно најави дека ќе употреби сила за да го врати уставниот поредок.
„ECOWAS“ се уште не е доволно подготвена да употреби воена сила против бунтовниците во Нигер, пишува „Wall Street Journal“ (WSJ) цитирајќи ги зборовите на висок командант на една од западноафриканските земји.
Рокот што „ECOWAS“ ѝ го даде на воената хунта во Нигер истече во неделата, кога немаше движење на западноафриканските сили, наведува WSJ.
„Во овој момент треба да ги зајакнеме нашите единици пред да учествуваме во таква воена акција“, изјавил неименуваниот командант за американскиот весник, пренесува ТАСС.
Тој додал дека успехот на секоја воена акција зависи од добрата подготовка. Пучот во Нигер беше осуден од меѓународната заедница, вклучувајќи го и поранешниот колонијален владетел на таа африканска земја, Франција, како и остатокот од ЕУ, САД и ОН.