Четири лица доцна синоќа ги загубија животите во бродолом на туристички брод на езерото Маџоре во северна Италија поради ненадејно невреме, соопшти локалната противпожарна бригада.
Туристи изнајмиле брод долг 16 метри за прослава на роденден, но поради силните ветрови и големите бранови, бродот се превртел и потонал во неделата вечерта меѓу градовите Сесто Календа и Арона, пренесува „Ројтерс“.
Деветнаесет лица успеале да допливаат до брегот без посериозни повреди, објавија на Твитер од противпожарната бригада и додадоа дека потонатиот брод го пронашле нуркачи на длабочина од 16 метри.
Претседателот на регионот Ломбардија, Атилио Фонтана, претходно денеска изјави дека се случил „многу сериозен инцидент“ поради лошото време.
На веб-страницата на весникот „Република“ се наведува дека на бродот имало 24 лица – 22 туристи кои славеле роденден и двајца членови на екипажот, а меѓу жртвите е и сопругата на сопственикот на бродот.