Македонската државјанка, Саџиде Муслија (49) била пронајдена мртва во својот дом во местото Монте Роберто, во покраината Анкона, Италија, јавуваат тамошните медиуми.
Според првичните извештаи, жената била претепана до смрт од нејзиниот сопруг, Назиф Муслија, кој моментално е недостапен за органите на прогонот во Италија. Муслија е родена во Македонија, но долго време живеела во Италија.
Италијанската полиција реагирала откако нејзиниот работодавач пријавил дека таа не се појавила на работа и дека е недостапна.
По пристигнувањето на местото на настанот, полицијата ја нашла вратата отворена, а клучевите сè уште на вратата. Според објавеното, екипите за итни случаи влегле во куќата, но немало начин да ја спасат жената. Нејзиното тело било пронајдено на креветот во локва крв, со видливи повреди на главата.
Според италијанските медиуми, двојката била во процес на развод, но, мажот се вратил да живее со неа, и покрај разделбата.
Полицијата веднаш започнала потрага по нејзиниот сопруг, кој моментално се води како исчезнат.