Трајанов: Мириса на вонредна состојба

од Берта Китинска

Поради исклучително сложената и тешка здравствена состојба, немање на вакцини за имунизација на населението, како и последиците по бизнисот, укажувам на потребата Парламентот веднаш да профункционира, во спротивно се повеќе се јакнат идеите за прогласување на вонредна состојба, вели Павле Трајанов, лидерот на Демократскиот сојуз.

Тој предлага Талат Џафери денес да свика координација на сите пратенички групи и независни пратеници, на која ќе се утврдат врвните приоритети за кои треба да заседава Парламентот.

-Треба да се дефинираат кои се приоритетни закони, посебно оние кои се во функција на заштита на здравјето на граѓаните, спречување на ширење на вирусот и обезбедување на вакцини, како и законите со кои се предвидуваат мерки за поддршка на фирмите кои трпат последици од пандемијата, финансиска помош на бројните самостојни уметници, музичари, спортисти, како и помош на ранливите категории на население, невработените итн.Во услови на вакви состојби, со воведување на вонредна состојба дополнително ќе се усложнат состојбите, ќе се ограничат правата и слободите на граѓаните, ќе  колабира бизнисот, ќе се отворат можности за висока корупција и негативно ќе се одрази на социјалниот живот и менталното здравје на граѓаните, вели Трајанов.

Лидерот на Демократскиот сојуз објаснува дека неговата партија е против воведување на вонредна состојба и затоа ги повикува на разумно и рационално однесување сите партии и пратеници.

-Треба да се отвори расправа за здравствената состојба, за мерките кои се преземат и ефектите од нив, како и за доцнењето со процесот на имунизација. Решенијата кои ќе произлезат од таа расправа треба да бидат во функција на подобрување на вкупните состојби, посебно поврзани со намалување на негативните ефекти од пандемијата, вели Трајанов.

Слични содржини