Трајанов: Пописот да се одложи најмалку до јуни

од Nikola Popovski

На прес-конференција, Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз предложил пописот да се одложи најмалку до месец јуни или на неопределено време.

„Потоа да се обезбеди политички консензус за времето на одржување на истиот. Трето, во меѓувреме попишувачите да се вакцинираат. Демократскиот сојуз предлага одложување на пописот поради тоа што: се влошува епидемиолошката состојба, вирусот се шири, има голем број на заразени, здравствените капацитети се исполнети, со имунизацијата се касни (нема вакцини), иселениците, Македонци досега не се попишаа, голем број на граѓани најавуваат дека нема да ги примат попишувачите во своите домови, опозициските партии од македонскиот блок бараат одложување или негово бојкотирање“, изјавил Трајанов.

Според ДС, сето ова укажува дека пописот нема да биде успешен, а резултатите ќе дадат искривена слика на состојбите, посебно на оние за вкупниот број на населението и нивната етничка припадност.

„Затоа предлагаме Владата да направи анализа на состојбите и донесе одлука за одложување на пописот и предложи Парламентот да донесе Закон за одложување на истиот. Инаку сигурни сме во тоа дека пописот е значајна статистичка операција, државата го спроведува, но за успешно завршување на истата неопходен е граѓански и политички консензус“, стои во соопштението од партијата.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски вчера објасни дека нема да има одложување на пописот и ги повика граѓаните да не подлегнуваат на повиците за бојкот на одредени субјекти бидејќи, како што рече, пописот е акција што ќе обезбеди податоци за креирање политики за иднината на граѓаните, а не на политичките партии.

„Првпат вака ќе настапам и ќе се обратам директно до Македонците: Ова е единствената држава каде може да се изјасните како Македонци. Пописот е единствената операција која го прибира овој податок, не ја пропуштајте таа можност. Почитувани останати граѓани во државите, Албанци, Турци, Роми, Власи Срби и сите останати: Ја имате таа можност слободно и без никаков притисок да се изјасните онака како што сметате дека треба. Искористете ја таа можност“, рече тој.

 

Слични содржини